(Видео) Страотен пожар во село во Малезија, уништени се илјада куќи и илјада луѓе се раселени


Илјадници луѓе се раселени откако пожар денеска уништи околу 1.000 домови во крајбрежно село во малезиската сојузна држава Сабах на островот Борнео, соопшти противпожарната бригада.

Властите беа известени за пожарот во округот Сандакан околу 1:32 часот по локално време, изјави командантот на противпожарната и спасувачка служба на округот Џими Лагунг.

– Поради силните ветрови и близината на куќите, пожарот се прошири брзо, додека ниската плима го отежна и пристапот до отворен извор на вода, рече Лагунг.

Пожарот избувна во едно од селата во Сабах, каде живеат некои од најсиромашните заедници во земјата, вклучувајќи многу групи без државјанство и домородци.

Повеќе од 9.000 жители се погодени од пожарот, иако немаше смртни случаи, соопшти полицијата во Сандакан, според државната новинска агенција.

Малезискиот премиер Анвар Ибрахим изјави дека федералната влада се координира со властите во Сабах за да обезбеди основна помош и привремено преселување на погодените.

– Приоритет сега е безбедноста на жртвите и итната помош на терен, наведе Ибрахим во објава на Фејсбук.