Вечниот мраз се топи: Руските научници пронајдоа речиси недопрени остатоци од мамут

Сибирски научници спроведуваат тестови на млад мамут чии неверојатно добро сочувани остатоци се откриени во стопен вечен мраз по повеќе од 50.000 години.
Суштеството, кое личи на мал слон, е извадено од кратерот Батагаика, огромна вдлабнатина длабока повеќе од 80 метри која се шири како резултат на климатските промени.
Трупот, тежок повеќе од 110 килограми, е изнесен на површина на импровизирана носилка, изјави Максим Черпасов, раководител на лабораторијата на музејот „Лазарев мамут“ во градот Јакутск.
Тој рече дека мамутот веројатно бил стар нешто повеќе од една година кога умрел, но тестовите ќе им овозможат на научниците да направат попрецизна проценка. Посебно необично беше фактот дека неговата глава и телото беа зачувани.
„По правило, делот што прво се одмрзнува, особено сурлата, го јадат современите предатори или птици. Но, иако предните екстремитети се веќе изедени, главата е неверојатно добро сочувана“, изјави Черпасов за Ројтерс.
Истражувачот Фаврил Новгородов вели дека мамутот веројатно останал „заробен“ во мочуриште и дека на тој начин останал сочуван десетици илјади години. Сега се проучува, а се спроведуваат и тестови за да се потврди времето на угинување.
Ова не е единственото праисториско откритие во огромното руско замрзнато царство последните години, затоа што тоа смрзнато тло почнува да се топи поради климатските промени.
Во ноември, научниците во истиот регион покажаа остатоци од 32.000 години стара сабјозаба мачка, познат како Саха или Јакутија, додека 44.000 години стар труп на волк беше откриен на почетокот на оваа година.