Варвициотис: И дома и надвор нашата позиција за Договорот од Преспа е иста


И од лево и од десно нѐ обвинуваат за нашата позиција за Договорот од Преспа, која останува иста дека е лош договор со многу проблеми, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис во интервју за радиото „Канал еден“, одговарајќи на обвинувањата од поранешниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос дека актуелната Влада продолжува со „познатата тактика на двојазичност“, односно дека е со двојни стандарди во однос на Преспанскиот договор.

– Не одиме надвор да кажуваме едно и доаѓаме во Грција да кажуваме комплетно различни работи. (Грчкиот премиер) Кирјакос Мицотакис вчера кога се сретна со (премиерот) Зоран Заев, му кажа јасно: „Јас немаше да го потпишам Договорот од Преспа, но од моментот кога земјата го потпиша и е ратификуван од грчкиот Парламент со законски процедури, ме обврзува“. Ова не е некоја двојазичност, истакна Варвициотис.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција во интервјуто рече дека „соседите уште го немаат спроведено Договорот од Преспа“, односно не се сменети „табелите на спомениците, имињата на улиците и не се отстранети симболите од многу јавни објекти“.

За обвинувањата од Катругалос во однос на комисиите што произлегуваат од Договорот од Преспа, Варвициотис објасни дека во однос на онаа што се однесува на учебниците, новата Влада дојде на власт во летниот период, истакна дека учебниците, не се прават за еден во лето, непосредно пред да се отворат училиштата во септември, туку тоа е процес за кој се потребни се месеци за подготовка.

– Министерството за надворешни работи и господинот Катругалос како министер за надворешни работи, од февруари, кога се ратификуваше Договорот од Преспа во грчкиот Парламент не направи никаков потег за другата страна да ги смени учебниците. И сега нѐ повикува нас, зошто ние во август не побаравме од Скопјаните да не ги печатат книгите што ги имаа подготвено, туку да седнат да напишат нови книги и за еден месец да ги напишат, да ги издадат и да ги поделат на учениците, рече Варвициотис.

Во однос на Комисијата за трговските ознаки, алтернативниот шеф на грчката дипломатија вели дека во јуни се одржа средба за запознавање и закажале следен состанок за ноември. Варвициотис објасни дека ова се должи на фактот што шефицата на комисијата од грчка страна, избрана од претходната Влада, има недостиг на слободно време, затоа што е во Њујорк, бидејќи таму се „професионалните интереси“.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија уште еднаш го повтори ставот дека Владата ќе се обиде да ги ублажат „негативните последици од лошиот Договор од Преспа за грчките граѓани и грчките интереси“.

– И секако ќе притиснеме да се спроведат оние параметри и она што е предвидено од Договорот од Преспа, кои соседите Скопјани не би сакале многу да се спроведат, рече Варвициотис.