Увид во опожарената фабрика „Макпрогрес-Винчини“ – дел од магацините уште имаат жаришта


Јавен обвинител од Кочани извршува увид по големиот пожар во фабриката „Макпрогрес“ во Виница, при што дел од магацините и натаму имаат жаришта. Обезбедени се видео снимки и е повикан е вештак-електроинженер за дополнителни проверки.

Од Обвинителството информираат дека увидните дејствија ќе продолжат и во наредните денови.

За заштита на плинската станица, која не беше зафатена од огнот, на лице место се поставени противпожарни возила.

Во меѓувреме, Обвинителството веќе обезбеди снимки од видео надзор и презема други дејствија во рамки на истрагата.

Во пожарот што избувна во фабриката на „Макпрогрес“, каде се произведуваат кондиторски производи „винчини“, во петокот попладнето, беа повредени 18 лица.

 Како што соопшти министерството за здравство вчера хоспитализирани се: едно лице (пожарникарка) во ЈЗУ Клиничка болница – Штип, четири лица (пожарникари) во Општата болница во Кочани, осум лица (вработени во фабриката) на ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје.
 
Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба. Другите повредени се пуштени на домашно лекување.