Утре нови цени на горивата – ново поскапување или намалување?


Бензинска пумпа на „Лукоил“ во Скопје

Граѓаните и бизнисите утре ќе добијат одговор дали ќе има ново поскапување или евентуално намалување на цените на горивата, кога Регулаторната комисија за енергетика ќе ја донесе најновата одлука.

Движењата на глобалниот пазар на нафта во изминатиот период се непредвидливи, најмногу поради тензиите на Блискиот Исток и дипломатските напори меѓу САД и Иран. Овие случувања директно влијаат врз цената на суровата нафта и создаваат неизвесност на светските берзи.

Од Меѓународната агенција за енергетика предупредуваат дека актуелните ризици за снабдувањето се сериозни и можат да предизвикаат значителни нарушувања на пазарот, особено поради чувствителноста на Ормускиот теснец – една од клучните точки за транспорт на нафта во светот.

Домашните власти, пак, уверуваат дека состојбата внимателно се следи и дека засега нема недостиг од гориво. Според нив, досегашните мерки – намалување на ДДВ и акцизите, како и договори со ОКТА – помогнале цените да останат релативно стабилни во споредба со регионот.

Во моментов, малопродажните цени се движат околу 80,5 денари за литар Еуросупер БС-95, 82,5 денари за БС-98, додека дизелот се продава по 94 денари за литар.

Утрешната одлука ќе покаже дали глобалните притисоци ќе се прелеат и врз домашниот пазар или ќе има простор за олеснување на ценовниот товар.