Усвоен националниот план за енергија и клима 2025 – 2030, меѓу мерките е и систем за цена на јаглерод
Владата го усвои интегрираниот национален план за енергија и клима 2025 – 2030 – стратешки документ што ја поставува државата на јасна патека кон енергетска трансформација, одржлив развој и целосно усогласување со европските политики. Планот, изработен по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), претставува клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските од Енергетската заедница и европската регулатива.
– Со вкупно 61 конкретна мерка, планот опфаќа 26 мерки за декарбонизација; 20 за енергетска ефикасност; три за енергетска безбедност; 11 за внатрешен пазар на енергија; и една за истражување, иновации и конкурентност. Фокусот е јасен – намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на обновливите извори на енергија и значително подобрување на енергетската ефикасност – соопшти МЕРМС.
Во наредниот период, се наведува во соопштението, државата ќе преземе конкретни чекори за засилени инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод во согласност со европските стандарди, развој на складирање енергија и модерна енергетска инфраструктура, постепено напуштање на јагленот како енергент. Паралелно, се зајакнува енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија.
– Планот е резултат на широк и транспарентен процес, во кој учествуваа институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери. Во неговата подготовка се вградени и препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница, како и најновите европски политики. За документот е спроведена и стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, која ги анализира ефектите врз воздухот, водите, почвата, биодиверзитетот, климатските промени и здравјето на граѓаните. Извештајот е прифатен од надлежните институции по спроведени јавни расправи и консултации, вклучително и со соседните држави – прецизираат од МЕРМС.
Нагласуваат дека со имплементацијата на планот се очекува значително подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност и независност, нов инвестициски циклус во енергетиката, забрзана зелена транзиција и економски развој.
– Овој документ е јасна визија за енергетската иднина на државата, во која одржливоста, иновациите и европските стандарди стануваат реалност,- велат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.