Уставниот суд го укина решението за изградба на хотел на Дојранското Езеро

Уставниот суд го укина решението донесено од страна на градоначалникот на општина Дојран на 16.05.2018 година, со кое се одобрува локална урбанистичка планска документација за дел К.П. бр.1073 и др. за К.О. Сретеново, Општина Дојран, изработена од „Стан арт“ ДООЕЛ Куманово со кој се опфаќа простор од 4.309 м².
Судот утврди дека не била во целост почитувана постапката за донесување на решението и со тоа се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Македонија, односно владеењето на правото, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина, соопштија од Судот.
Дојранското езеро е прогласено за споменик на природата согласно закон со којшто е утврден посебен режим на негова заштита. При донесување на оваа одлука, Судот направи анализа на Законот за прогласување на Дојранското езеро за споменик на природата и во таа насока утврди пропуст во постапката за донесување на конкретната локална урбанистичко-планска документација, односно Уставниот суд констатира дека не е испочитувана обврската за обезбедување на согласност од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Исто така, оваа обврска е пропишана и во Законот за заштита на природата.
Дополнително, Уставниот суд утврди дека нема доказ дека одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина е објавена на веб-страницата на општината, што претставува законска обврска во постапката за донесување на плански документи со коишто се уредува и планира просторот.