Се поправа подната фонтана на плоштадот „Македонија“ – ќе биде пуштена за неколку дена


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека подната фонтана на плоштадот „Македонија“ повторно ќе биде ставена во функција. Како што информираше тој, во моментот се изведуваат градежни активности, а само за неколку дена фонтаната ќе биде пуштена во употреба.

Фото: Б. Грданоски

Ѓорѓиевски соопшти дека просторот околу фонтаната повеќе нема да се користи за движење на автомобили и товарни возила, туку повторно ќе биде уреден како пешачка зона и место за престој на граѓаните и посетителите.

„Ова повторно ќе биде место за прошетка, за фотографија, за убавина, за гордост. Место што ќе го разубавува плоштадот и ќе го претставува Скопје онака како што заслужува – достоинствено, модерно и препознатливо“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.

Тој посочи дека обновувањето на подната фонтана е дел од повеќе активности за враќање во функција на мноштво јавни обележја во главниот град. Фонтана „Лотосов цвет“, „Воин на коњ“, „Филип II Македонски“, „Олимпија“ и „Паднати борци“, плоштадот „ВМРО“, како и „Вечниот оган“ повтоврно се ставени во функција.

„Ги враќаме симболите на градот. Го враќаме сјајот на Скопје. Го враќаме она што со години беше оставено и заборавено“, порача градоначалникот.