Жештините го земаат данокот: Утрово повеќе колапси на јавни места во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Високите температури веќе ги земаат првите жртви. Само утрово, Брзата помош во Скопје интервенирала во повеќе случаи на колапс на јавни места, а значително е зголемен и бројот на повици од граѓани кои побарале медицинска помош.

Доктор Ана Џарева од Брза помош – Скопје изјави за МИА дека утрово се евидентирани повеќе од пет колапси на јавни места, главно кај постари лица.

Таа посочи дека поради високите температури е зголемен бројот на повици, а за помош и совети се јавувале и помлади лица.

„Претежно лицата се жалат на болки во градите, но има и такви кои чувствуваат вртоглавици и имаат други симптоми“, појасни докторката.

Таа информираше и дека на жена на возраст од околу 37 години ѝ се слошило додека била во возило.

Доктор Џарева повторно апелира граѓаните да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Доколку е можно, обврските да се одложат, а ако мора да се излегува, да се носи лесна облека и шапка, да се консумира лесна храна, како овошје, зеленчук и свежи салати, како и доволно течности, пред сè вода и природни сокови.

Таа советува да се избегнуваат алкохолни и кофеински пијалаци, како и тешка и мрсна храна. Исто така, лицата кои примаат редовна терапија треба навремено да ги земаат препишаните лекови, а при излегување од климатизирани простории да му дадат време на организмот постепено да се прилагоди на високите надворешни температури.