Успешно заврши проектот „Редовно на часови“, стипендирани 1515 деца – Роми


Заврши проектот „Редовно на часови“, кој во изминатите три години имаше цел да овозможи еднаков пристап, задржување и поголема проодност на децата Роми во основното образование. Воедно проектот работеше на обезбедување инклузивна средина за учење, кадешто ќе се почитуваат различностите и сите деца ќе се чувствуваат добредојдени и еднакво стимулирани да успеат во учењето.

Во рамки на проектот беа додели 1515 стипендии со цел вклучување на што поголем број деца Роми во првиот циклус од основното образование, да се намали финансискиот товар на ромските семејства поврзан со школувањето на нивните деца, да се мотивираат децата редовно да ја следат наставата и да напредуваат во следните одделенија. Стипендистите доаѓаат од 74 основни училишта.

Една од задачите на проектот, што го спроведе Фондација отворено општество – Македонија, во соработка со Здружение Центар за образовна поддршка „Дендо вас“, Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекот по чекор“, во партнерство со Министерството за образование и наука, а е финансиран од Европската Унија беше да се даде поддршка на училиштата да ги трансформираат училниците во поинклузивна средина за учење, каде што ќе се почитуваат различностите и сите деца ќе се чувствуваат добредојдени и еднакво стимулирани да научат и да другаруваат.

Имено беше спроведена и национална медиумска кампања „Буква по буква, испиши ја својата иднина“.

Во рамки на проектот беа ангажирани 60 асистенти за поддршка на ромската заедница. Нивната задача беше да ги зајакнат врските и соработката меѓу ромските семејства и училиштата, да им помогнат на родителите да ги обезбедат сите потребни документи за запишување во училиште, да ги мотивираат децата да одат на училиште и да ги исполнуваат училишните обврски, но и да идентификуваат одредени проблеми, како на пример, нередовност на настава и за тоа да ги алармираат родителите.

– Една од клучните цели на стратегијата и планот за работа на Министерството за образование и наука е градење инклузивен образовен систем, кој ќе обезбеди можности за квалитетна едукација на сите граѓани, со особен акцент на оние кои доаѓаат од социјално и општествено ранливи групи и проектот за вклучување на Ромите во основното образование „Редовно на часови“ е дел од активностите за подигнување на нивото на инклузивност на националниот систем на образование, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на завршна конференција на проектот.

Шаќири посочи дека конкретните резултати од целокупните активности на Министерството насочени кон инклузијата на припадниците на ромската етничка заедница укажуваат дека е зголемена вклученоста во основните училишта, зголемена е редовноста за време на часовите и подигнат е процентот на успешен премин во следните одделенија.

– Како поддршка за полесно совладување на училишните обврски се ангажираат и тутори. Исто така, за учениците од социјално ранливи категории се доделуваат стипендии, не само преку овој проект, туку и во програмите за стипендирање на МОН се предвидени стипендии за средношколци и за студенти Роми, нагласи министерот, додавајќи дека континуираното унапредување на образованието на припадниците на помалите етнички заедници во државава, вклучително и на Ромите, е нотирано и во годинешниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија, со препорака активностите да продолжат и да се интензивираат во следниот период.