Уште едно италијанско село продава 250 куќи по едно евро


Уште едно италијанско село нуди домови по симболични цени со цел да привлече нови жители, а овој пат тоа е селото Пратола Пелиња, оддалечено околу 150 километри од Рим.

Во ова село, властите продаваат околу 250 домови по едно евро со надеж дека ќе привлечат нови жители да ги реновираат и да живеат во нив. Селото се наоѓа во регионот Абруцо во близина на Апенините, што значи дека некои од најдобрите италијански скијачки центри се многу блиску.

„Работиме на овој проект неколку години, избиравме соодветни домови кои не беа дел од реконструкцијата по земјотресот. Нашата цел е повторно да заблескаме и да ја вратиме убавината на стариот центар“, изјави локалниот советник Паоло Ди Бако за Си -Ен -Ен.

Оние што ќе одлучат да дојдат во селото ќе имаат полни раце работа бидејќи домовите се во прилично лоша состојба, но тие се пространи, имаат поткровје, тераси и балкони, па затоа имаат голем потенцијал.

Меѓутоа, ако плановите за реновирање не бидат доставени во рок од шест месеци, следува казна од 10.000 евра.

Продажбата на куќи во напуштени села стана популарна во последниве години.

Додека младите Италијанци се повеќе мигрираат во град и избираат работа во големите градови наместо рурални и социјални занимања, многу од најубавите оддалечени села во Италија стануваат напуштени, со мала популација што старее.

Некои постари Италијанци се најдоа во ситуација да немаат кому да ја остават својата куќа, препуштајќи им ја на локалните власти, кои мора да одлучат што ќе прават со неа, додека некои помлади граѓани наследија недвижен имот во области каде што немаат намера да се вратат.

Поседувањето друг имот во Италија значи плаќање даноци, така што продавањето на овие неискористени куќи по пониски цени може да биде поисплатливо отколку да се чуваат.

Досега, 25 италијански општини им понудија куќи на потенцијални сопственици по симболична цена од 1 евро.