Украинските војски навлегуваат во друг руски регион, Белгород


Урнатини во една од населбите во рускиот регион Курск

 

Русија во петокот соопшти дека повторно освоила уште едно село во нејзиниот регион Курск, каде што сака конечно да ги протера украинските војници по речиси осум месеци борби.

Но, промосковските воени блогери изразија загриженост за ситуацијата во Белгород, соседниот регион на Русија каде што украинските трупи извршија упад овој месец.

Во Курск, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили го вратиле селото Гоголевка, една од само неколкуте населби што сè уште ги држи Украина од околу 100 што ги зазеде минатиот август.

Генералштабот на Украина соопшти дека неговата војска спречила 18 руски напади во областа Курск во текот на изминатиот ден. Не ја коментираше ситуацијата во Белгород.

Мапирањето со отворен код од „Дип стејт“, авторитетен ресурс за блогирање на украинската војска, покажа дека руските сили имаат контрола над дел, но не и врз целата Гоголевка, и посочи дека киевските трупи сè уште контролираат нешто помалку од 80 квадратни километри од Курск, пишува Ројтерс.

Претседателот Владимир Путин го посети Курск овој месец во знак на зголемена доверба дека Русија наскоро ќе го врати назад, лишувајќи ја Украина од преговарачкото средство во идните мировни преговори што САД се обидуваат да ги организираат.

Во Белгород, Русија првпат изјави на 18 март дека украинските единици се обиделе да ја преминат границата. Од петокот, неколку влијателни руски воени блогери изјавија дека украинските групи одржуваат упориште во регионот.

Еден од нив,„ Архангел Спецназа“, рече дека украинските војници сѐ уште се присутни во населбата Поповка и дека борбите продолжуваат, додавајќи дека „ситуацијата и понатаму е напната“.

Друг, „Рибар“, рече дека имало тешки судири на Поповка и секоја страна ја напаѓала другата со дронови.

Третиот блог, „Два мајори“, вели дека руските сили ги продолжуваат одбранбените операции во регионот.

„Постојани се ударите врз концентрациите на украинските вооружени сили, но непријателот сè уште има сериозен офанзивен потенцијал за оваа насока и не се откажа од плановите за понатамошни пробиви, вклучително и во нови области на фронтот“, објави „Два мајори“ на Телеграм.