Украинците за првпат заробија севернокорејски војник

Припадници на украинските специјални сили вчера заробија севернокорејски војник во битки со руските сили во областа Курск. Оваа информација доцна синоќа се прошири преку проукраинските канали на социјалните мрежи, а утринава ја потврди и јужнокорејската разузнавачка агенција.
Се верува дека војникот е првиот севернокорејски воен затвореник заробен од декември, кога Пјонгјанг испрати свои војници во Русија за да помогнат во борбата против украинските војници во рускиот регион Курк.
Потврдата од Јужна Кореја дојде откако на Телеграм беше објавена фотографија на која очигледно се гледа ранет и заробен севернокорејски војник. Северна Кореја испратила повеќе од 10.000 војници да и помогнат на Русија, според Киев и Сеул, иако ниту Москва ниту Пјонгјанг ниту го потврдиле ниту го негирале нивното присуство.
„Преку размена на информации во реално време со разузнавачка организација на пријателска држава, потврдивме заробување на ранет севернокорејски војник и планираме темелно да го следиме развојот на настаните“, се наведува во кусото соопштение на Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја.
Потврдата уследи откако украинската армиска новинска служба „Милитарни“ синоќа соопшти дека украинските сили го заробиле војникот за време на операции во руската Курска област, без да се наведе точниот датум на настанот.
Фотографија на наводниот севернокорејски војник, кој изгледа ранет, беше објавена на „Телеграм“. Засега нема повеќе детали за неговата состојба, додава „Јонхап“.