Украинците масовно веруваат дека ќе победат, 80 отсто учествуваат некако во одбраната


 Според истражувањето спроведено од Социолошката група „Рејтинг“ од 8 до 9 март, 91% од Украинците имаат надеж кога размислуваат за ситуацијата во Украина и дури 92%  веруваат дека можат да ги одбијат руските напади со кои се соочуваат. Само 6% се чувствуваат безнадежно. 

Исто така,  57% од испитаниците веруваат дека Украина може да ја добие војната со Русија во наредните недели, 18% мислат дека ќе победи за една недела, додека 39% за неколку недели. Речиси нема Украинци кои воопшто не веруваат во победата на Украина, а 16% не можеле да одговорат на ова прашање. Најоптимисти се жителите на западниот регион, но и  во другите области, мнозинството исто така верува дека војната нема да трае долго.

 Повеќе од 80% одговориле дека на некој начин помагаат во одбраната на Украина. Конкретно,  39% од испитаниците им помагаат на луѓето и армијата како волонтери, а 37% помагаат финансиски. Исто така, 18% учествуваат во информацискиот отпор, а 12% продолжуваат да работат во критичната инфраструктура. Околу 10% од Украинците изјавиле дека учествуваат во територијалната одбрана, а само 19 отсто рекле дека сега не се во можност да и помогнат на земјата. 

 Огромното мнозинство (97%) од испитаниците планираат да останат во Украина во блиска иднина. Исто така,  40% од Украинците веруваат дека повеќето Руси ја поддржуваат војната против Украина. Една четвртина од испитаниците веруваат дека секој втор човек во Русија ја поддржува војната, а четвртина мислат дека поддржувачите на војната се малцинство.

Од нив 42% веруваат дека не може да се разговара за обновување на пријателските односи меѓу Украинците и Русите. Други 22% сметаат дека тоа е можно  20-30 години по војната, 18%, дека е можно за 10-15 години, а само 12% веруваат дека враќањето на пријателството е можно за неколку години по војната. Жителите на југот и истокот и оние кои имаат роднини во Русија веруваат малку повеќе во обновувањето на тие односи. Но, дури и меѓу нив, повеќе од една третина не веруваат во враќање на пријателството меѓу двата народа.

Мнозинството Украинци се против прифаќање на руските услови во преговорите. На официјалното признавање на окупираните територии Донбас се противат 79% (прифатено од  15%), на Крим – 75% (прифатливо за 17%). Одбивањето за членство во НАТО не е прифатено од 56 отсто, а би можеле да се согласат 30 отсто. Дипломатскта (48%) и хуманитарна (47%) поддршка од западните партнери се смета за релативно доволна, но воената помош е оценета најлошо: 62% ја сметаат за недоволна.

Публика: населението на Украина на возраст од 18 и повеќе години во сите области, освен привремено окупираните територии на Крим и Донбас.