Украина уништи реморкер кој носел оружје и војска на Змискиот остров (видео)


 

Украинската морнарица го уништи рускиот реморкер „Василиј Бек“, кој доставуваше муниција, оружје и воен персонал на окупираниот Змиски остров. Украинската морнарица напиша за ова на својот Фејсбук.

На реморкерот бил инсталиран противвоздушен ракетен систем „Тор“, се вели во соопштението на украинската морнарица, но тоа не го спречило бродот да биде погоден.

Киев објави дека реморкерот бил погоден со две ракети „харпун“, со што Украина прв пат потврди дека погодила руско пловило со оружје од западно производство.

На Твитер и Телеграм е објавено видео на кое се вели дека рускиот реморкер е двапати погоден со проектили.

Реморкерот „Василиј Бек“ се наоѓа во во руската Црноморска флота од 2017 година.

Оперативната команда на вооружените сили на Украина „Југ“ соопшти дека „70% од екипажот биле погодени, а судбината на останатите е непозната“. Редовниот број на екипажот на реморкерот е 26 лица. Ранетите биле извлечени од бродот од блиските руски чамци и еден десантен брод.

Руската страна се уште не ја коментираше изјавата за уништување на бродот на Црноморската флота.

Генералштабот на вооружените сили на Украина тврди дека од почетокот на војната се уништени 13 руски бродови и чамци.