Украина го чека Блинкен со големи надежи
На првите редови на битката против сепаратистите поддржани од Русија и во салите на владата во Киев, Украинците имаат големи надежи од посетата на државниот секретар на САД во четврток – зголемена воена помош и силна поддршка за членство во НАТО.
Со посета толку рано во неговиот мандат, пред воопшто да замине во Русија, Ентони Блинкен сигнализира дека Украина е висок надворешно-политички приоритет за администрацијата на претседателот Џо Бајден. Но, што може, или ќе донесе, на состанокот со претседателот Володимир Зеленски не е јасно.
Блинкен во понеделникот во Лондон рече дека ќе ја искористи посетата за да ја покаже „нашата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.
Зеленски јасно стави до знаење дека сака сериозна акција.
„На Украина ѝ треба јасен сигнал за европската и евроатлантската перспектива“, рече Зеленски во понеделникот на Твитер, осврнувајќи се на аспирациите на Украина за влез во НАТО и Европската унија. „Одложувањето на овие прашања за ‘подоцна’, ‘некој ден’, ‘за (10) години’ треба да заврши“.
„Треба да бидеме повеќе поддржани и да ни се даде посебен статус – членство во НАТО“, рече украински војник на источните фронтови, кој ги даде своето име и патронимика како Васил Адолфович. „Би било добро да бевме позаштитени од овој блок и да имаше поддршка“.
Анксиозноста на војниците е голема во услови на зголемување на нападите оваа година, По долг период на напнат мир минатата година, 34 украински војници беа убиени оваа година од сепаратистите.
Министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека Украина сега е загрижена од најавата на Русија минатиот месец дека прераспределува воени бродови од својата касписка флотила воАзовското Море, продолжение на Црното Море кое граничи со Украина и Русија.
„Сега постои голема закана во Азовското Море; таа е невидено големо“, рече Кулеба во понеделникот.