Украина доби зелено светло да користи француски ракети со долг дострел


Министерот за надворешни работи на Франција Жан-Ноел Баро изјави дека Украина смее да користи француски ракети со долг дострел на руска територија, пренесува Би-би-си.

Баро дополни дека Франција нема „црвена линија“ во поддршката за Украина, сè додека користењето на француски ресурси од украинските сили е во рамките на самоодбрана.

Министерот не потврди дали досега биле искористени француски ракети во војната со Русија.

Ова соопштение доаѓа неполна недела откако САД ѝ дозволи на Русија да користи американски оружја. Кратко по таа најава, Би-би-си пренесе дека Украина искористила и британски оружја врз руска територија.

Претходно во текот на годината, францускиот претседател Емануел Макрон неколкупати изјави дека Франција би била подготвена да ѝ дозволи на Украина да користи француски оружја.

Дополнително, одговорајќи на новинарско прашање, министерот Баро изјави дека „не ја исклучува опцијата“ француски трупи да се приклучат во војната против Русија.

„Ќе ја поддржуваме Украина интензивно и онолку долго колку што е потребно. Зошто? Бидејќи нашата безбедност е во прашање. Секој пат кога руската армија напредува за еден квадратен километар, заканата се приближува за еден квадратен километар до Европа“, изјави францускиот министер за надворешни работи.