УКИМ почнува со дигитална трансформација – можеби нема повеќе да има редици пред студентски прашања


Фото: Б,. Грданоски

За година до година и половина, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Биљана Ангелова, очекува да се дигитализираат основните студентски сервиси, со што би се избегнале долгите редици пред студентски прашања каде се заверуваа семестри и се пријавуваа испити.  

„УКИМ почнува со дигитална трансформација, многу скоро, почнуваме со првите чекори. Најнапред ќе ги дигитализираме сите студентски сервиси. Планот е до почетокот на новата учебна година, основните студентски сервиси да бидат комплетно дигитализирани, се разбира да завршиме со електронски сервис. Но, тоа е процес и ќе трае. мојата претпоставка е една година или година и половина, овој процес може да се заокружи“, рече Ангелова по научната конференција „Новите предизвици во високото образование и синдикалното движење“.

Вториот приоритет на којшто работатам, најави Ангелова,  е квалитетот на наставата, квалитетот на истражувањата, воопшто квалитетот на Универзитетот.

„Очекуваме дека од дигитализацијата и од подобрувањето на управувањето со квалитетот ќе имаме и подобрување на рангот на самиот Универзитет“, рече Ангелова.

Таа најави и кратење на многуте програми коишто ги има на Универзитетот што зависи од акредитацијата и од донесувањето на новиот Закон за високо образование.

„Кратењето на програмите е поврзано со процесот на акредитација. Го очекуваме и новиот закон за високо образование кадешто ќе се врати модуларноста на студиските програми што само по себе подразбира дека ќе имаме помал број на студиски програми, она што сега е расплинето во посебни програми ќе биде компримирано во посебни модули“, додаде Ангелова.

засега работат по стариот Закон од 2018 година, а треба да почекаат за да видат што ќе предвиди новиот закон, за да можат да ги рапсределат, да ги компримираат програмите и да продолжат да работат по нив.