Угостителите сакаат применливи решенија за да ги намалат загубите
Независната угостителска комора бара преку дијалог со надлежните институции да се носат одлуки и решенија кои ќе бидат применливи за да може да работат и да ги намалат загубите предизвикани од пандемијата. Проценките на Комората се дека годината ќе ја завршат едвај со третина од приходите, неминовна ќе биде и рационализација на вработените.
– Проблемот со кој се соочуваме е дека Комисијата за заразни болести носи одлуки и протоколи што треба да ги имплементираме, а истите не сме во можност да ги спроведеме, бидејќи не се примениливи во пракса. Од друга страна носат протоколи со кои се прават настани од големи размери со неколку илјади луѓе каде што не можат да се почитуваат протоколи, а истовремено немаме протоколи кои можеби ги засегаат угостителските објекти, како што се оние за правење свадби и оние кои работат како ноќни клубови, изјави Златко Јосифовски, претседател на Комората која денеска го организира форумот „На иста страна“.
Според Јосифовски, угостителите не ќе можат да ги покријат ниту основните трошоци со приходите што ќе ги остварат годинава, а доколку не се изнајде начин како тоа да се надмине, поголем дел од нив нема да ја преживеат зимата.
– Имаме податоци дека во Македонија се регистрирани 6.500 субјекти кои вршат угостителска дејност со околу 35.000 директно вработени и целокупниот приход што го остваруваат во изминатите години достигнува до 850 милиони евра, од кои над 100 милиони завршуваат во државната каса за даноци и 45 милиони за придонеси за вработени. Оваа година едвај ќе завршат со една третина, што ни од далеку не можат да ги покријат основните трошоци. Тие приходи ќе генерираат загуби и ако не се најде начин како да се премости тоа, поголемиот дел од угостителите нема да ја преживеат зимата, нагласи Јосифовски.
Наведува дека со ваквиот начин на работење ќе мора да ги рационализираат трошоците, што ги опфаќа и вработените.
– Се настојува секој вработен да се задржи, но треба да се сфати дека економската исплатливост на бројот на вработени и начинот на кој се работи досега не е ист како во минатото. Ние не ги викаме отпуштања, туку рационализација на трошоците кои се неминовни, потенцира претседателот на Независната угостителска комора.
Од Градот ветуваат заедничка соработка, иако, како што велат, и досега презеле мерки со цел да му се помогне на овој сектор.
– Заради времето во кое живееме мора да бидеме во партнерски однос, иако Градот и досега со дел од угостителите има добри релации. Како Град Скопје уште на почетокот на пандемијата ги презедовме основните чекори со цел бизнисот околу кој гравитираат над 30 илјади луѓе во државата, да го помогнеме и да го одржиме во живот, да ги обезбедиме работните места на луѓето кои работат во овој сектор. Само со заеднички, интерактивен однос и усогласување на ставовите и потребите на угостителите од една страна и законските обврски што ги имаат од друга страна, можеме да најдеме соодветни начини како да го помогнеме функционирањето на угостелските објекти, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Раководството на Комората веќе оствари средба и со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој ветил дека Владата ќе вложи максимални напори да ги поддржи и да им помогне на вработените и компаниите од угостителството и туризмот.