Учители без слух за првото ѕвонче


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М.МИТЕВСКА

Може да се воочат неколку позитивни и неколку негативни работи поврзани со предупредувачкиот штрајк на просветните работници, кој се случи место првиот школски ден.

Во графата на добри работи, на пример, може да се вброи тоа што министерот за образование Арбер Адеми конечно доби можност да биде поекспониран во јавноста. Зашто да не беше штрајкот на СОНК, кој го „истера“ од кабинетот на прес-конференции, голем дел од јавноста можеби немаше да знае дека во изминатиот период се направени одредени поголеми реформски зафати во образованието, како што се новите закони за основно образование и за наставници и стручни соработници…

За Адеми ова беше втор почеток на нова учебна година откако е на чело на Министерството за образование, каде што претходно беше заменик-министер. Сето ова време тој не беше меѓу најекспонираните членови на владиниот кабинет, иако доби шанса да води еден од најчувствителните и најзначајни ресори. Но, испровоциран од најавата за штрајк и соочен со ризик да задоцни стартот на новата школска година, тој дури сега се пофали дека од ланскиот септември досега за 10,8 проценти се зголемени платите во образованието, иако и претходно имаше можност да ги промовира политиките кои се во насока на подобрување на условите за работа на професорите и за спроведување на научно-наставната дејност.

И почетокот на минатата учебна Адеми го дочека соочен со серија опозициски обвинувања за недостиг од учебници, за нереновирани училишта, за безидејност во образовниот процес…Сепак, почетокот на оваа учебна година, веројатно, е уникатен, затоа што, наместо со прво ѕвонче и прв училиштен час, стартуваше со штрајк на наставниците за повисоки плати или поточно за поголемо покачување на платите.

Тоа е момент што, веројатно, ќе го запаметат не само актуелниот министер за образование туку и околу 20 илјади првачиња што вчера требаше првпат да седнат во училишните клупи. За дел од нив прв училиштен ден ќе биде вториот ден од учебната 2019-2020 година. Други, пак, седнаа во училишните клупи – како уште еден пример за слабата организација и стихијната атмосфера што се создаде за време на штрајкот, а која, всушност, укажа и на поделеност меѓу наставниците. По која линија или линии е таа поделба меѓу просветарите може само да се претпоставува. Затоа, пак, темпирањето на протестот токму на првиот училиштен ден и неговото закажување во „пет до 12“, односно по цел еден пропуштен летен распуст кој можеше да се искористи за преговори со владата за поголемо покачување на платите, дополнително ја засилија политичката арома на предупредувачкиот штрајк…

Од друга страна, уште една позитивна работа од вчерашниот штрајк на просветните работници, е што се покажа дека во меѓувреме се создала поголема критична маса меѓу наставниците и професорите. Тие, на пример, не беа толку ревносни во побуната кога своевремено им беше сервирано непопуларното екстерно тестирање, од кое потоа подебелиот крај, сепак, го извлекоа учениците, а не наставниците. Не беа толку гласни ниту кога СОНК, под истото водство како и сега, пред повеќе од четири години наеднаш го прекина генералниот штрајк на просветарите и влезе во неизвесен социјален дијалог со тогашната влада, чиј епилог остана непознат…

Овој пат, на првиот училиштен ден што годинава се падна на 2 септември, наставниците го искористија уставно загарантираното право на штрајк за да ѝ укажат на Владата дека платите во една од сферите од највитално значење во општеството сè уште се мошне скромни, а со тоа и недостојни и несоодветни на значењето и одговорноста што го носи со себе оваа професија. И сè тоа е легитимно. Тоа, всушност, е и ситуација која се провлекува децении наназад и што е општопозната и не е сè уште санирана во целост, и покрај неколкукратните зголемувања на платите на наставниците во изминатите години. Но токму таа тенденција на постепено, но редовно покачување на платите и спремноста на актуелниот министер и на Владата за социјален дијалог со Синдикатот е показател дека се прават напори за на наставниците да им се обезбеди местото што го заслужуваат во општеството. Затоа, користењето на првиот училиштен ден за укажување на навистина несоодветниот статус на просветните работници не може да се вброи меѓу позитивните моменти од предупредувачкиот штрајк на вработените. Особено ако се има предвид дека се бара значително покачување на платите – за една четвртина, за што еден синдикалец со долга кариера би требало да знае дека е тешко изводливо во последниот квартал од годината и од тековен буџет на државата.

Наместо да оди по секоја цена на штрајк, СОНК можеше да ја прифати понудата и од овој министер за започнување социјален дијалог, кој на крајот можеше да резултира со значително поголема ставка во буџетот за следната година за платите на просветарите. Така и волкот ќе беше сит и овците на број, првачињата немаше да тргнат на училиште еден ден подоцна. Но така и СОНК ќе ги избегнеше сомневањата за злоупотреба на првиот училиштен ден во политички цели.