Училиштата воведоа целодневна настава – на родителите не им одговара


Билјана Богдановска

Целодневната настава или дневен престој во училиштата, на дел од родителите не им врши работа, иако основните училишта почнаа да ја воведуваат, покрај епидемијата од корона вирус.

Имено, родители не се одлучуваат да го запишат детето во целодневна затоа што треба да го земат во 14.30 или 15 часот од училиште, а тие сè уште се на работа.

На дел од родителите чии деца посетуваат настава со физичко присуство им беше потребно да се воведе целодневен престој, за децата да бидат згрижени додека тие се на работа.

Основните училишта, кои организираат настава со физичко присуствo на учениците до трето одделение, полека почнаа со воведување целодневна настава или поточно, дневен престој.

Владата и Министерството за образование и наука дадоа дозвола да се организира и да се спроведе целодневната настава, но начинот на кој таа ќе се воспостави, беше оставена на општините, односно на училиштата под нивна надлежност.

„Организацијата на целодневната настава е во надлежност на училиштата, не на Министерството за образование. Секое училиште, на начин на кој мисли дека е најсоодветен, заедно со родителите ќе донесе одлука за одвивање на целодневната настава“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, на првиот училишен ден, што годинава, поради пандемијата од Ковид-19, беше на 1 октомври.

Владата на седницата одржана на 29 септември донесе одлука за децата од прво до трето одделение да има дневен престој во училиштата. Според препораката на Комисијата за заразни болести, продолжениот престој треба да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.

Различни општини со различни правила

Општина Центар, во сите осум основни училишта, почна да ги згрижува учениците по завршување на часовите од вторникот.

Изборот, дали детето ќе посетува целодневна настава или не, повторно беше на родителите, како и за посeтувањето настава онлајн.

Од Општина Центар за „Независен весник“ велат дека околу 40 отсто од сите деца кои посетуваат настава со физичко присуство, се пријавиле и за дневен престој.

Децата скалесто одат во училиште, а така и зминуваат. Односно ако влезат во училиштето во 7.30 часот, детето заминува во 14.30. Не може ни порано ни подоцна, затоа што така предвидуваат протоколите, затоа што порано или подоцна од тој термин, низ тој излез, излегуваат други деца.

Изборот, дали детето ќе посетува целодневна настава или не, е на родителите: ОУ „Лазо Трповски“ во Скопје (Фото: Б. Грданоски)

 

Во училиштата во Центар, децата си носат храна од дома која треба да е спакувана соодветно и да не се расипува.

„Во моментов нема организирана исхрана, децата си носат од дома, но се прават напори да се вклучат и училишните кујни наскоро“, велат од Општина Центар за „Независен весник“.

Општина Аеродром пак, од понеделник воведува целодневна разлика. Според насоките од Министерството за образование и наука, се следат протоколите за влез и излез. Одделенијата кои досега беа поделени на две групи и посетуваа настава во посебни училници, сега ќе претрпат измени.

Како што објаснуваат наставниците на родителските што се оджраа деновиве, ќе се пребројат учениците кои ќе останат на целодневна и ќе се стават во една група. Но, доколку нема доволно ученици, тогаш од двете досегашни, сите деца за целодневна ќе одат во една гурпа, а дополнет ќе биде бројот со деца кои ќе си заминуваат порано, додека другите ќе остануваат уште неколку часа.

Исто така, во однос на исхраната, родителите на ученици од аеродромските училишта биле известени дека договорите потпишани со фирмата која пред корона кризата доставуваше храна за учениците им важат до 31 декември, па тие и понатаму ќе носат храна но само за децата во целодневна. Менито е изменето, Ручекот не подразбира топол оброк, туку сендвичи, а целата храна ќе биде спакувана во рециклирачка амбалажа.

Храната во училниците ќе ја делат вработени во службите на училиштето, затоа што на никој надворешен, не му е дозволен влез во училниците.

Наставниците на родителските средби одржани онлајн, неколкупати повторуваа дека доколку имаат можност родителите да не ги оставаат учениците на целодневна настава, затоа што за нив не е добро цел ден да се со маски на лицето, но и училиштата немаат доволно простории.

Секој што ќе одлучи да го пријави детето за целодневна нема да може да ја смени одлуката по некој ден, или се додека не се смени епидемиолошката состојба во земјава, па или ќе се дозволи сите деца да се вратат во училишните клупи, или сите ќе учат од дома.