Училишните градини – едукативен концепт на иднината

Најдобри амбасадори на здравите навики во исхраната од мали нозе, лаборатории на отворено, дополнителен импулс за едукација. Вака отприлика би се доловила идејата, па и целта на училишните градини, кои полека, но сигурно стануваат дел од нашиот образовен систем, благодарение на ентузијасти кои сакаат да направат вистински промени.

Училници на иднината, е нивното второ име. Место каде децата ќе учат директно во природа и ќе ја градат својата свест за здравата храна: како да се произведе без да се наруши животната средина, да се намалат отпадоците и да се стекнат нови, квалитетни начини на исхрана.

Основните принципи на училишните градини се заштита на биодиверзитетот и ресурсите (почва, вода, воздух и автохтони семиња), како и заштита на различнностите (зашто секоја градина е единствена и претставува израз на средината и културата во која се развива). „Засади, ако ти е важна локалната храна. Научи, како да го зачуваш биодиверзитетот. Промени, почни ги од твојата заедница“, се трите клучни пораки на кои треба да не научат.

Училишните градини ќе ги оттргнат најмладите барем некое време од мобилните телефони, компјутерите и таблетите за кои се речиси постојано „залепени“, ќе им овозможат директен допир со природата и ќе поттикнат кај нив љубов, но и почит кон она што таа ни до дава. Кога сами ќе посадат дрвце, по некој зачин (нане, лаванда, жалфија, рузмарин, босилек), овошка или зеленчук, ќе ја воочат магијата. Ќе сфатат колку поинаква и поголема е вредноста на она што сам го создаваш, црпејќи ги рационално ресурсите, без нарушување на еко-рамнотежата.

Проектот официјално почна пред две години, во ОУ „Аврам Писевски“ во скопско Бардовци. Во дворот на училиштето, на 11 метри квадратни, членовите на Слоу фуд Водно со поддршка на ФАО ја креираа првата училишна градина. Училишни градини потоа беа направени и во основните училиштата „Крсте Мисирков”, како и во „Христијан Тодоровски Карпош“ .

Но, најпрвата училишна градина е всушност формирана во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ со поддршка од Слоу фуд фондацијата за биодиверзитетет. Главен „виновник“ за ваквата иницијатива е претседателката на Слоу фуд Водно, Василка Стефановска, технолог и доскорешен професор во Средното угостителско училиште.

-Училишните градини се засолништа за локалниот биодиверзитет кој е лесно прилагодлив на климата и теренот благодарение на селекцијата што се вршела во соодветниот регион. Овие локални сорти немаат потреба од синтетички ѓубрива и пестициди. Во градините се засадуваат семиња селектирани и репродуцирани од локалната заедница. Ова значи дека со секоја нова генерација растенијата стануваат посилни и поприлагодени на локалното подрачје. Овие семиња се разменуваат, меѓу сите учесници, со што се збогатува локалниот биодиверзитет и се штедат средства. Од досегашното искуство можам да кажам дека интерес има и кај наставниците и кај учениците. Соработуваме и со родителите, па при воспоставување на градината во ООУ „Аврам Писевски“ имаше и родители кои несебично ни помагаа, заедно со наставниците, учениците и техничкиот персонал, истакнува Стефановска.

Работата во градините, додава, е сложен процес кој опфаќа повеќе елементи во едукацијата на децата.

-Затоа е потребно да се вклучат сите ученици, наставници, родители, соседите и сите кои сакаат да помогнат. Во градините се садат најразновидни растенија во зависност од местоположбата на училиштето. На пример во село Булачани садевме зачински и ароматични билки зашто сметавме дека сите деца во дворовите имаат зеленчук и овошје. Во ООУ „Крсте Мисирков“ имаше засадено домати, црни патлиџани, пиперки. Всушност, секоја градина си има свои специфичности, нагласува професорката.

Концептот „училишни градини“ да се воведе во годишните програми на сите училишта

Според неа, училишните градини нудат одлична можност за едукација не само на учениците, туку и на возрасните, на теми за локалниот биодиверзитет, одржливите методи на производство и за промоција на здрава и разновидна исхрана. Градините, како што напоменува Стефановска, се едноставен и достапен начин за обезбедување здрава храна и простор за социјални активности, но претставуваат и место за дружење, прослави и забави за целата заедница.

-Нашите градини се место за заеднички дијалог и поддршка едни на други. Соседните градини разменуваат семиња, додека тие подалеку разменуваат идеи и информации. Доколку бројот на градини се зголемува, расте и нивното влијание. Заедно, во еден глас, сакаме да испратиме порака за зачувувување и за важноста на нашата храна, потенцира претседателката на Слоу фуд Водно.

Став на „слоуфудашите“ е дека училишните градини како проект треба да влезат во годишните програми на секое училиште.

-Сметаме дека е добро преку слободните часови на училиштата да се реализираат проекти во градината. Секако дека овој проект може да се спроведува и во средните училишта, но, со поинаков концепт. Да биде истражувачки, комерцијален и да се менџира. Да се собираат средства од производите во градината со кои ќе се подобруваат условите за работа во училиштето. Градините може да бидат и хортикултурни, место за одржување одредени настани, вели Стефановска.

Пред оформувањето на градините, претстои воспоставување соработка со основните училишта и општините, подготовка на прирачници за менаџирање и едукација, како и подготовка на пропаганден материјал, семинари за наставниците, презентации и работилници во школите, а потоа и развој на донаторска кампања меѓу компаниите, советите на родители и училиштата. Дури потоа следува втората фаза, односно воспоставување и изградба на градината и реализација на наставна програма во градините.

Засега Програма за училишни градини е воспоставена во вкупно девет скопски училишта: ООУ „Аврам Писевски”, село Бардовци, ООУ „Христијан Тодоровски Карпош”, „Рајко Жинзифов“, ООУ „Владо Тасевски”, ООУ „Ѓорче Петров“, ООУ „Димитар Поп Ѓеорѓиев Беровски”, ООУ „Крсте Мисирков”, ООУ „Круме Кепески” и ООУ „Наум Охридски”, село Булачани.

-Во сите училишта дониравме и заедно со учениците засадивме лешникови садници. Од проектот, покрај едукација на наставниците и најмладите, очекуваме и социјална интеракција, зголемена активност и зголемена свест за значењето на знаењата од областа животна средина како дел од образовниот процес, анимирање на најмалку 10 основни училишта и активно вклучување на најмалку 20 лица, нагласува професорката.

До крајот на годинава треба да се реализира и проектот „Зелен полигон за едукација, алатка за подигање на еколошката свест 2020 година“, финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање. Планирано е да се креираат градини во основни училишта од Пелагонискиот регион и да се пренесат знаењата и искуствата од училиштата во Скопје.

-Состојбата со КОВИД, како секаде така и при реализација на нашите активности, предизвика промении. Училишта со задоцнување од еден месец ја почнуваат учебната година, наставниците се подготвуваат за настава преку интернет платформа. Сето тоа ги одложува нашите планови. Но, во овој период ние ги подготвивме едукативните и промотивни материјали, подготвени сме за одржување дводневен семинар со наставниците. Во тек сме со подготовка на договори со општините и училиштата кои ќе бидат дел од оваа програма, вели Стефановска.

Најдобри примери за креирање училишни градини засега се САД, Италија, Холадија, Данска и посебено Африка која денес брои 10.000 вакви „катчиња“.