Кој ќе се бори ако не ние, кога ако не сега – вели Трендафилов во пресрет на протестот на ССМ
Во пресрет на работничкиот протест на Сојузот на синдикати на Македонија, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, преку отворено писмо ги повика работниците да излезат на денешниот собир, порачувајќи им дека трудот што го вложуваат на своите работни места мора да биде соодветно платен, ценет и почитуван.
Не е погрешно што многу работници ќе го искористат продолжениот викенд за да поминат време со семејството, вели тој, но ниските плати, небезбедните работни места и недостоинствените услови за ќе бидат исти и на 4 мај.
„Можеби со право сметате дека не Вие, туку некој друг треба да се бори за Вас, но кој друг ако не се борите Вие, кога, ако не се борите сега“, вели првиот синдикалец.
Затоа, како што додава Трендафилов, Сојузот на синдикати денеска ќе протестира за сите.
„ССМ повторно ќе протестира, како што протестираше во јануари и во март, за секој еден што се плаши, за секој кому му се закануваат, за секој кој ќе замине на викенд, за секој што на 1 Мај ќе работи, ќе протестираме дури и за оние кои се дома, а нема да излезат на протест и ќе не гледаат од прозорите и од балконите. Ќе протестираме дури и само ако еден работник дојде со нас и го побара тоа од нас. Некои синдикати одбраа да не протестираат ниту со нас, ниту самите, но тоа се жолти синдикати. Најлесно е да се нападнат синдикатите, да се обвинат синдикалците, но не сме сите исти – ние се бориме години наназад, а тие другите се молат години наназад“, пишува Трендафилов во отвореното писмо до работниците.
Според претседателот на ССМ, осумчасовното работно време за кое се избориле работниците во Чикаго уште во далечната 1886 година, не секогаш целосно се почитува во современиот свет.
„Многу од вас работат подолго од 8 часа дневно, уште пострашно, не ви е платено. Денеска во Македонија повторно има 12 часовен работен ден за голем број на работници. Многу работници наутро ги напуштаат своите домови, не знаејќи дали безбедно ќе се вратат дома по завршување на работното време. Опасноста од укинување или поништување на еден колективен договор, значи опасност за укинување на многу колективен договори. Денеска, поради игнорантскиот однос на власта и работодавачите, Македонија има најниска минимална и просечна плата во регионот и во Европа. Вие знаете колку вредите, знаете колку се вложувате и знаете колку се изложувате на опасности за време на извршување на работните задачи“, додава претседателот на ССМ.
Почетокот на традиционалниот првомајски протест на ССМ, кој ќе се одржи денеска, е закажан во 11 часот пред зградата на ССМ во центарот на Скопје, а ќе заврши пред зградата на Владата.