Убиен руски капетан на десантен брод во Украина
Руски капетан на десантен брод е убиен во престрелките во Украина, што е последен удар за претседателот на Русија Владимир Путин, откако неодамна потона најмоќниот руски воен брод „Москва“.
Капетанот бил командант на бродот „Цезар Куников“, што е дел од руската црноморска флота. Капетанот Александар Чирва починал од раните здобиени во битка со украинските бранители, изјави гувернерот на Севастопол, Михаил Развозаев.
„Денес се простивме со Александар Григориевич Чирва“, изјави Развозаев за руската државна новинска агенција ТАСС.„Неговата храброст, професионализам и искуство ги спасија животите на членовите на екипажот“, додаде тој.
Чирва, капетан од трет ранг, беше од поморско семејство, оженет и имаше син. Неговиот татко бил командант на црноморската флота, а неговиот брат е потполковник во копнените сили на Русија. Во 2015 и 2016 година, тој учествуваше во воените операции на Русија во Сирија. Неговата смрт е уште еден удар за Москва, која го загуби и заменик-командантот на Црноморската флота, капетанот од прв ранг Андреј Палиј (51). Тој беше убиен во битките за опколениот пристанишен град Мариупол.
Русија се уште не објави информации за судбината на екипажот на потонатата „Москва“.