Уапсен убиецот на рускиот генерал Кирилов – признал сѐ
Руската служба за безбедност соопшти дека 29-годишен државјанин на Узбекистан е приведен за убиството на високиот генерал Игор Кирилов и неговиот помошник во Москва.
Генерал-полковник Игор Кирилов, началник на силите за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана (НБЦ), загина вчера рано утрото кога беше активирана експлозивна направа што се наоѓала на мобилен телефон. Руските безбедносни служби изјавија дека осомничениот бил регрутиран од украинската разузнавачка служба, јавуваат државните медиумски агенции.
Украински извор вчера за Би-би-си потврди дека зад убиството стои украинската служба за безбедност. Изворот наведува дека Кирилов бил „легитимна цел“. Во понеделникот, ден пред убиството, Украина го обвини Кирилов (54) во отсуство, велејќи дека тој е „одговорен за масовната употреба на забрането хемиско оружје“.
„Според упатствата на Украина, пристигнав во Москва и изнајмив автомобил“
Центарот за односи со јавноста на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека уапсениот 29-годишник е „осомничен дека извршил терористички напад“. Во соопштението за печатот се наведува дека за време на сослушувањето „објаснил дека бил регрутиран од украинските специјални служби“.
Се додава дека 29-годишникот пристигнал во Москва по инструкции од Украина и најмил автомобил за да ја надгледува резиденцијата на Кирилов. Експлозивната направа ја поставил на електричен скутер што го паркирал на влезот од станбената зграда во која живеел Кирилов, соопшти ФСБ. ФСБ изјави дека на осомничениот му е „гарантирана“ награда од 100.000 долари и азил во европска земја.
Инспекторите велат дека осомничениот рекол дека инсталирал надзорна камера во автомобил за изнајмување во близина и дека заговорниците на атентатот од украинскиот град Днипро ја користеле камерата за да го следат Кирилов и далечински да го активираат уредот кога тој ја напуштил зградата.
Рускиот истражен комитет соопшти дека во тек е идентификација на други лица вклучени во организацијата на атентатот. Инаку, руското Министерство за надворешни работи најави дека ќе го постави прашањето за убиството на Кирилов пред Советот за безбедност на ОН.