Тутунарите реагираат дека откупот одел по партиска линија, па дури и со мито за откупувачите
БИТОЛА – За подмитување на откупувачи на тутун, обвинуваат прилепски тутунари откако уште еднаш се пожалија на катастрофално лошиот откуп на тутунот. Од Иницијативниот одбор на Фејсбук групата „Тутунари од Македонија“ велат дека тутунари по пријателска и партиска линија како и со подмитување бараат начин да го предадат тутунот.
„Се откупува по шифри, се враќаат луѓето, 4 класа се враќа, не се откупува, проценката не е реална, вистинските класи сега што се предаваат во род од прва не се даваат, се релаксираат за нивна намена во прва, а одат во двојка и во тројка. Проценката е катастрофална, се врши грабеж по сите основи. Со денови чекаат за да го предадат тутунот, се враќаат од вагите, не можат да дојдат до вагите, се прават списоци вештачки, не по редослед. По пријателска база, по партиска база, некои даваат пари и под рака само да дојдат до ред да го предадат тутунот. Покатастрофален, полошо организиран откуп никогаш немало во државава во последните 20 години“, реагираше на прес-конференција Игор Мирчески од Иницијативниоте одбор на ФБ групата „Тутунари на Македонија“.
Иницијативниот одбор повикува на итна средба со откупувачите и министерството, а бара и да се обратат пред пратениците во Собранието.
„Да ја внесат точката на расправа во законодавниот дом, да не поканат нас тутунопроизводителите, Иницијативниот одбор да им ги кажеме проблемите изворно, не од тие што се ‘запознати’ како ги советуваат, туку да им ги кажеме ние лично проблемите, за да не дојде до уште поголеми проблеми, па да ги видиме пратениците како ќе реагираат на нашите барања. Тука ќе им ги кажеме проблемите, за да се случи и во новата реколта да нема проблеми. Ако ние тоа не го постигнеме сега, за кратко време ќе се склучуваат договорите за новата реколта. Барањето за 100 денари субвенција по сите класи ќе го бараме до крај“, додаде Мирчески.
Тутунарите дополнително се загрижени и за наводниот нелегален увоз на тутун кој сметаат дека дополнително ја влошува состојбата. Наведуваат дека најкатастрофално е во Општина Долнени каде од 9 милиони килограми, откупени се само 35 отсто. Тутунарите обвинија и дека откупувачите намерно не им давале картони за да го спакуваат тутунот.
„На договор потпишан на 2.2 тона, му купува само 4 картони од прва рака, а за другите му вика кај сакаш да си ги носиш. Ти бараат горни берби, му носиш горни берби, нема шанси за прва, и ти останува празна шифрата само за прва, а другите берби не ти ги примаат“, истакна Еџевит Ајдароски, тутунар од Општина Долнени.
Од ИО велат дека ќе формираат ново здружение и Сојуз кој реално ќе ги застапува интересите и барањата на тутунарите. (А.Б.)