Туск: Полска нема да испрати војници во Украина

Премиерот на Полска, Доналд Туск, по денешниот Самит на Коалицијата на подготвените, изјави дека Варшава не планира да испрати трупи во Украина.
– Веќе многу пати нагласив дека не предвидувам испраќање трупи во Украина, дури ни по завршување на војната, наведе Туск.
Тој потенцира дека е доволно тоа што Полска е најголем центар од каде што се организира помошта за Украина односно е одговорна за логистиката.
Претходно и италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека Рим нема да испрати војници во Украина за да го набљудуваат евентуалниот мировен договор со Русија.
Таа нагласи дека Италија е подготвена да го поддржи евентуалниот прекин на огнот преку иницијативи за набљудување и обука надвор од украинската територија.