Турскиот бизнис бара од Ердоган да ја напушти политиката на ниски камати

Претседателот бара каматните стапки да се намалуваат што, пак, предизвика лирата да загуби 50 од вредноста спрема доларот оваа година


 

Водечката деловна групација во Турција во саботата ја повика владата на претседателот Таип Ердоган да се откаже од монетарната политика заснована на ниски камаптни стапки, што предизвика рекорден пад на лирата.

Турската асоцијација за индустрија и бизнис (TÜSİAD), во соопштение објавено на својата официјална веб-страница, ја повика Анкара да се врати на „правилата на економската наука“ по неуспехот на целите од сегашната економска програма.

Изјавата стигнува додека турската лира е во слободен пад откако централната банка, поттикната од Ердоган, започна низа намалувања на каматните стапки претходно оваа година, поради што валутата изгуби повеќе од 50 отсто од својата вредност во однос на американскиот долар оваа година. Инфлацијата во земјата минатиот месец помина 21,3 отсто.

Ердоган останува на неортодоксниот став дека пониските каматни стапки ќе бидат многу корисни за економијата на неговата земја. Централната банка во четвртокот гласаше за намалување на основната каматна стапка на земјата на 14 отсто од 15 отсто, испраќајќи ја лирата на уште едно ново рекордно ниско ниво од 15,5 за долар.

„Како резултат на нестабилноста што ја доживуваме во последно време, стана јасно дека целите од оваа економска програма што се обидуваме нема да се постигнат“, рече TÜSİAD.

TÜSİAD рече дека чекорите преземени од Анкара создале „амбиент на недоверба и нестабилност“, додавајќи дека економскиот модел ризикува да предизвика „многу поголеми“ проблеми во иднина.

„Дури и извозот, за кој се очекува да има најголема корист од ова, е оштетен во овој амбиент“, додаде групата.

Владата на Ердоган тврди дека тековната економска програма, заснована на пониски каматни стапки, ќе го зголеми извозот и ќе го намали увозот, што пак ќе доведе до суфицит на тековната сметка и поголем раст со висока вработеност.

Ердоган во четвртокот најави зголемување на минималната плата за 50 отсто на 4.250 лири месечно (275 долари) во обид да го неутрализира влијанието на растот на цените. (Според агенциите)