Турска сензација на повидок: Мохамед Салах е пред потпис со Трабзонспор


Трабзон – Турскиот фудбалски гигант Трабзонспор е на прагот да реализира еден од најзвучните трансфери во својата клупска историја. Раководството на клубот официјално потврди дека се започнати напредни преговори за ангажман на легендарниот египетски напаѓач, Мохамед Салах. Триесет и четиригодишниот фудбалер се наоѓа во завршни разговори за преселба во турската Суперлига како слободен агент, откако на крајот од минатата сезона се раздели со Ливерпул.

Според турските медиуми, Салах ќе има годишна плата од 17 милиони евра, плус пет милиони евра во бонуси, како и дел од приходите од маркетинг и продажба на дресови со неговото име.

Управата на Трабзонспор не го криеше ентузијазмот околу овој мега-трансфер и преку официјално соопштение ги извести своите навивачи за динамиката на настаните. Според планот на клубот, Салах треба да пристигне во Истанбул во текот на денешниот ден, по што веднаш ќе се упати кон својот нов дом.

„Планирано е играчот да пристигне во Трабзон вечерта истиот ден. Времето и сите останати детали во врска со програмата за пречек ќе бидат споделени со јавноста преку официјалните комуникациски канали на нашиот клуб во текот на денот“, се наведува во соопштението на Трабзонспор, најавувајќи вистинска еуфорија на улиците во градот.

Египетскиот репрезентативец ќе се пресели во турскиот прволигаш без обесштетување откако на крајот на минатата сезона му истече договорот со Ливерпул за кој настапуваше од 2017 година и на 315 натпревари постигна 151 гол.