Турска компанија од автоиндустријата ќе отвори фабрика во Тетово вредна 20 милиони евра


„Џаво отомотив“

 

Нова инвестиција на компанијата „Џаво отомотив“ во ТИРЗ Тетово, која се очекува да отвори  500 работни места објавија денеска премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Инвестицијата е вредна 20 милиони евра.

„Станува збор за браунфилд-инвестиција, која ќе почне со закуп на постоен објект од 8.000 квадратни метри, а капацитетите ќе се прошируваат до 21.000 квадратни метри до 2028 година. До 2030 година компанијата планира да иневстира речиси 21 милион евра. Целокупното производство на контролни кабли од Турција и Словачка ќе се реализира во Тетово, што е потврда за довербата на инвеститорот во македонската економија, нашата работна сила и деловната клима“, истакна Мицкоски на прес-конференцијата во владата.

Основана во 1984 година, „Џаво“ е компанија која работи во индустријата за автомобилска опрема, дизајнира и произведува безбедносни производи, како и разни механизми и кабли за работа за многу водечки производители на автомобили.

Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, инвестицијата е потврда дека Македонија станува сè попривлечна за компании што носат современи технологии, нови производствени капацитети и квалитетбни работни места. Одлуката на компанијата дел од производството да пренесе во нашата земја, напомена Дурмиши, е силен сигнал за довербата во македонската економија.

Освен во Турција, компанијата е присутна и во Канада, Германија и Словачка.