Турција се противи Грција да истражува јаглеводороди во близина на Крит
Турција се спротивставува на одлуката на Грција да истражува јаглеводороди јужно од Крит, соопшти Министерството за одбрана во четврток, нарекувајќи го потегот на Атина повреда на турско-либискиот договор за поморските граници.
Конзорциум предводен од американскиот нафтен гигант „Шеврон“ потпиша договор во понеделник за пребарување на природен гас во длабокото море во четири блока, јужно од полуостровот Пелопонез и Крит, на површина од 47.000 квадратни метри.
Ова ќе ја удвои површината на грчките територијални води достапна за истражување на наоѓалишта на гас, со порака од Атина дека сакаат да станат извозник на енергија и енергетски центар на Југоисточна Европа.
„Ние се спротивставуваме на оваа нелегална активност, која го крши Меморандумот за разбирање од 2019 година за поморска надлежност меѓу Либија и нашата земја“, објави турското Министерство за одбрана на неделната прес-конференција.
Според министерството, активноста нема директно да навлезе во континенталниот гребен на Турција, туку ја нарушува поморската јурисдикција на Либија, декларирана пред Обединетите нации на 27 мај 2025 година.
„Ќе продолжиме да им ја даваме на либиските власти потребната поддршка за да преземат чекори против овие еднострани и нелегални активности од страна на Грција“, нагласи турското министерство.
Турција и Либија потпишаа договор за границите во Средоземното Море во 2019 година, но Грција не го прифаќа, бидејќи го „игнорира“ Крит, кој се наоѓа помеѓу турскиот и либискиот брег.
Анкара и Атина со децении се во конфликт по голем број прашања, првенствено поморските граници и правата во Егејското Море, област која се смета за богата со енергетски ресурси и со стратешки импликации за воздухопловството и воените активности, забележува Ројтерс.
Декларацијата за пријателски односи од 2023 година ја омекна грчко-турската реторика, но бројни прашања остануваат отворени, и покрај декларативната подготвеност за нивно решавање.