Тројца планинари спасени на Шар Планина, едниот заврши во болница
Спасени се тројца планинари откако останале заглавени на тежок и непристапен терен на Шар Планина, во близина на местото „Три води“, во атарот на село Теарце, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР). Еден од нив, 38-годишниот А.Ч. од село Жеровјане, поради влошена здравствена состојба е пренесен во Клиничката болница во Тетово.
Преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, синоќа во 18:46 часот, во Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово е примена пријава од лице кое побарало помош за извлекување од планината Бистрица, каде група планинари останала заглавена на непристапен и тежок терен. Како што информираат од СВР Тетово, на 11 јули во 18:46 часот А.Ч. побарал помош за себе и уште две лица – Н.М. од село Слатино и Б.А. од село Глоѓи. Тројцата со возило пристигнале до местото „Три води“, по што пеш се упатиле кон планината Бистрица на Шар Планина. Поради тешкиот терен останале заглавени, а во еден момент кај А.Ч. се влошила здравствената состојба, при што почувствувал болки во градите и отежнато дишење.
„Група од тројца планинари, од кои едниот за време на движењето почувствувал здравствени тегоби – болки во градите, отежнато дишење и отежнато движење. Лицата немале повреди, но поради здравствената состојба и непристапниот терен било неопходно итно да се организира спасувачка акција. До нивната локација не можело да се пристапи со теренско возило, туку било потребно пешачење од најмалку три до четири часа“, се вели во соопштението од ЦУК.
По добиената пријава известени се Полициското одделение Теарце и Територијалната противпожарна единица од село Лешок.
„Другите две лица успеале да го симнат А.Ч. до местото „Бачило“, каде биле пречекани од спасувачката екипа“, додаваат од полицијата.
Во спасувачката акција е вклучен и алпинист-спасител, член на Тимот за брза интервенција и спасување во планина, кој веднаш се упатил кон локацијата. ЦУК, преку РЦУК Тетово, во текот на целата акција одржувал постојана комуникација со пријавителите и ја координирал работата на надлежните институции, согласно стандардните оперативни процедури за спасување лица во животозагрозувачка состојба. Потоа, групата заедно со спасувачите пеш се спуштила до возилото, а во 20:40 часот кај местото „Три води“ се преземени од полициски службеници од ПО Теарце. Планинарите се безбедно спроведени до регионалниот пат кај село Лешок, каде пристигнала екипа на Итната медицинска помош од Тетово.
„А.Ч. на 12 јули во 00:55 часот со амбулантно возило бил транспортиран во Клиничката болница Тетово за укажување лекарска помош“, се вели во соопштението од МВР. На останатите двајца планинари им е укажана медицинска помош, по што се рпатени на домашно лекување.