Уапсени три лица за криволовство во НП „Пелистер“, фатени со оружје во рацете
БИТОЛА – Три лица се лишени од слобода за криволовство во НП „Пелистер“ Битола, дознава АПЛА.мк. Од нив двајца биле од Битола а еден од село во Битолско. Лицата биле затекнати во НП „Пелистер“ во строго заштитена зона и истите биле со оружје во рацете. Уапсените според наши извори биле на возраст од 33, 48 и 53 години.
Оружјето било одземено од страна на полицијата, а како дознаваме ловците на дивеч на Пелистер се качиле со четирицикли.
Неофицијално акцијата за нивно пронаоѓање и лоцирање ја предводел директорот на НП „Пелистер“, Иванчо Тошевски со ренџери од НП „Пелистер“ и со поддршка на полициски службеници.
Од НП „Пелистер“ ја потврдија информацијата дека имало ваков настан во текот на претходната ноќ и утринските часови, но детали не откриваат се додека СВР Битола официјално не го објави настанот, со цел да не наштета на истрагата.
Во официјалниот допшис од СВР Битола се вели дека на 13.08.2026 во 03.00 часот на место викано „Голема грива“ во Национален парк „Пелистер“, полициски службеници од Полициското одделение Велушина и од криминалистичката полиција при СВР Битола ги лишија од слобода Н.С.(33) од Битола, Р.Ј.(53) од с.Кишава, битолско и Б.Г.(48) од Битола. Тие биле затекнати со огнено оружје во строго заштитена зона, при што лишени се од слобода, одземено им е оружјето и по документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок. (А.Б.)