Царината пронајде илегални мигранти од Судан при контрола на камион
Царинската управа денеска информираше дека пронајдени биле тројца илегални мигранти од Судан при контрола на камион со стока пријавена за увозно царинење.
„Царински службеници од Царинската испостава Скопје 1 при Царинарница Скопје пронајдоа тројца илегални мигранти од Судан при детална контрола на стока која била пријавена за увозно царинење. Стоката, со потекло од Кина, била натоварена во пристаништето во Солун по што камионот бил пломбиран со грчка пломба“, посочија од Царина.

Трите лица, државјани на Судан, ја скинале сајлата во предниот товарен дел од камионот и се скриле помеѓу кутиите.
„Ова е четврти случај на откриени илегални мигранти во последните три месеци, што јасно укажува на заложбите на Царинската управа во заштита на државата. Мигрантите се предадени на Министерството за внатрешни работи“, додаваат од Управата.