Трибина: „Превенција и заштита на децата од дигитална злоупотреба и CSAM“


Во Скопје денеска ќе се одржи јавна трибина „Превенција и заштита на децата од дигитална злоупотреба и CSAM” посветена на заштитата на децата од онлајн сексуална злоупотреба и материјали поврзани со сексуална злоупотреба на деца (CSAM) – како еден од најсериозните предизвици во дигиталната ера.

Трибината има за цел да обезбеди сеопфатна анализа на актуелната состојба на национално ниво, да отвори инклузивен простор за дијалог и размена на теренски искуства, и пред сè, да ги ангажира сите релевантни засегнати страни и чинители во процесот на креирање конкретни и одржливи чекори кон унапредување на законската рамка, стои во соопштението на Првата детска амбасада Меѓаши.

Во земјава, CSAM останува недоволно дискутирана, анализиранa и најважно, регулирана област. Иако постојат законски одредби, тие често се неусогласени со европските стандарди, а институционалната координација е ригидна во превенцијата и заштита на децата и младите во дигиталниот простор. Потребна е јасна дефиниција, системска превенција и ефикасен механизам за поддршка на жртвите, наведуваат оттаму.

На настанот ќе учествуваат претставници од стручните служби во училиштата, наставен кадар и ученици, како и претставници од надлежните министерства во областа на заштита на децата и младите. Во рамки на дискусијата, сопствени стручни увиди и перспективи ќе споделат и претставници од компетентни институции кои имаат исклучително значење во областа CSAM.

Настанот се организира во рамки на меѓународниот проект ТОМАЅ – Towards Uniformed Legislation Against CSAM, кој има за цел да поттикне усогласување на законодавствата во регионот, со цел поефикасна превенција, идентификација и санкционирање на овие кривични дела. Национален координатор на проектот е Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, која повеќе од три децении се залага за правата и безбедноста на децата.