„Трета среќа“ за мерката 14.500 денари или повторно ќе се бара нејзина промена?


Денес, на Меѓународниот Ден на трудот, 1 Мај, Владата им удоволи на барањата на синдикатите и направи уште една промена на Уредбата со која се условува помошта за исплата на плати од 14.500 денари. Така, на оваа владина мерка може да сметаат работодавачите кои нема да отпуштаат вработени, освен во строго определни случаи. Ова е уште една интервенција во владината уредба која до сега претрпе неколку промени, секогаш откако некоја од засегнатите страни „ќе притиснеше“, или ќе укажеше на некоја нелогичност, како на пример кога се увиде дека со помошта за исплата на плати треба да се опфатат и оние лица кои во своите фирми се и управители и вработени, а такви има многу.

Со таа интервенција пред дваесетина дена се скрати и периодот во кој се бара фирмата која ќе ја користи мерката да го задржи истиот број на вработени од шест на два месеци, што исто така одеше во прилог на барањата на бизнисот. Тоа не беше добро прифатено кај вработените и кај синдикатите. Но, чашата ја прелеа завчерашната Уредба со која им се овозможи на работодавачите да го намалат бројот на вработените во нивните фирми во одреден процент, во зависност дали станува збор за микро, мала или средна компанија. По експресната и бурна реакција на синдикатите, Владата денес направи уште една интервенција на Уредбата.

Дали ова ќе биде конечната верзија останува да се види по празниците, но секако пред крајниот рок кога фирмите ќе треба да ги достават документите до Управата за јавни приходи за исплата на априлските плати.

Најновата измена на Уредбата прецизира дека работодавачите кои ќе користат финансиска поддршка за исплата на плати не смеат да го намалат бројот на вработени во април, како и два месеци по завршување на мерката, односно заклучно со јули, освен доколку станува збор за пензионирање и смрт на работник; откажување на договорот за вработување од страна на работникот; откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски; спогодбено преземање на работник; престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.

Значи дека фирмите само по овие основи може да го намалат бројот на вработени и тоа заклучно со месец јули 2020 година не смее да биде повеќе од 15 отсто кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка; 10 отсто кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и 5 отсто кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.

Дали ова ќе биде прифатливо за работодавачите кои можеби беа фатени „на спиење“, со оглед дека е празничен викенд, ќе се види деновиве.

Претходно, од компаниите укажуваа дека е нелогично да се условува добивањето парична поддршка за исплата на плати со фиксирање на бројот на вработени. Од бизнисот укажуваа на ситуации кога вработениот самиот сака да ја напушти фирмата поради наоѓање друга работа, или пак има случаи кога се прекршува работната дисциплина, па на работодавачите би им биле врзани рацете.

Кога во петокот министерката за финансии Нина Ангеловска ги презентираше новините во Уредбата за мерката 14.500 денари, кои беа во полза на работодавачите, одговарајќи на новинарско прашање дали со ова Владата попуштила на нивните барања, таа рече дека ако не се направеле измените ќе биле обвинети дека не го слушаат гласот на бизнисот, а сега пак, дека им се попушта.

Таа подоцна дополнително објасни дека трите новини во Уредбата се од корист и за вработенките , односно дека со мерката се помага и на работниците, на самовработените и на работодавачите – кои креираат работни места и сите заедно придонесуваат за економски раст и кои ќе треба да го премостат овој период и да бидат подготвени за фазата на оправување. А опоравување без работниците не е возможно, напиша Ангеловска на фејсбук.

Но, очигледно е тешко да им се удоволи на двете страни иако ниту работодавачите можат без вработени, ниту пак сите работниците можат без работодавачите. (М.Ј.)