Тренчевска: Дали поради празниот Буџет не го зголемивте минималецот на 600 евра и не донесовте мерки за социјално ранливите граѓани?
На денешната собраниска седница за пратенички прашања, пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска, упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во однос на влошената економска состојба, стандардот на граѓаните и односот на Владата кон работниците. Тренчевска посочи дека во пресрет на утрешниот 1 Мај- Ден трудот, не може да се зборува за достоинствен живот на работниците, затоа што владата на ВМРО им го заврте грб на работниците, ги понижи и ги осиромаши. На оваа тема Тренчевска постави две прашања до министерот Дурмиши, дали причината што не се зголемува минималната плата на 600 евра е поради тоа што нема пари во Буџетот и поради тоа што дефицитот е толку веќе продолабочен и дали заради тоа што нема пари во Буџетот не се воведуваат пакет мерки за помош за ранливите категории на граѓани?
Во продолжение се интегралните прашања на Тренчевска:
„Утре министре е 1 Мај – Ден на трудот, ден кога треба да зборуваме за достоинство на работникот, за вреднувањето на трудот и за подобар животен стандард на работниците.
Денес не можеме за зборуваме за достоинствен живот на работниците – денес работниците се понижени, нивниот труд не се вреднува, секојдневието им е сведено на преживување.
Оваа влада им заврте грб на работниците. За само две години ги осиромашивте.
Ги гледате само како сатистистичка бројка, игнорирајќи го секое нивно барање.
Што направивте за овие две години? Ништо. Едно големо ништо, освен што ги излажавте и пониживте сите работници.
Македонскиот работник денес по вреднување на трудот е на дното. Ги изигравте работниците со некакво мизерно зголемување на минималната плата од 1.600 денари.
Во оваа скапотија 1.600 денари немаат вредност.Синдикалната минимална кошница овој месец е околу 69.000 денари, и споредено со март е зголемена за скоро 1.000 денари.За четири месеци од почетокот на годинава е зголемена за над 3.300 денари…
Значи зборуваме за основни трошоци за живот, не за луксузирања како што вие од власта сте навикнати….нема тука папаја, лососи и така натаму…исклучиво основни производи леб, јајца, брашно, шеќер…а зеленчукот и овошјето се луксуз веќе.
За што работи македонскиот работник? Што да направи попрво со овие 26.000 денари? Скоро три минимални плати се потребни за да се покријат само трошоците за основните производи.
Не го прифативте предлогот на СДСМ за 600 евра минимална плата, и покрај тоа што ви дадовме и предлог од кои ставки да скратите за да ја зголемите.
Ама не, вие од секаде ќе скратите но не за да има за работникот, туку да има повеќе за вашите луксузи и криминални тендери.
Ќе потсетам само дека СДСМ и во најголемите кризи, ковид кризата и енергетската криза го задржа континуитетот на раст на платите.
Од друга страна слушаме некакви бајки од премиерот, трета економија сме биле, како во паралелен универзум да живете, одлепени сте од реалноста која ја живеат граѓаните.
Прашајте ги работниците кога ќе го отворат фрижидерот дома и кога ќе треба да платат сметки дали сме трета економија.
И јас не знам искрено каква е таа трета економија, кога последните податоци од Министерството за финансии покажуваат дека Буџетот кризира.
Дефицитот веќе достигна 408 милиони евра. За само три месеци се реализирани дури 63% од вкупно планираниот дефицит за целата година. Реализацијата на приходната страна е едвај 20%. И ова буџетска дупка значи ново задолжување и тоа врз грбот на работниците, на граѓаните, кои што треба да ја платат вашата неспособност.
Вака не изгледа трета економија.
Министре, на овие пратенички прашања јас, а и целата јавност сакаме да слушнеме кои се причините зошто не прифативте 600 евра минимална плата. И оттука моето прво прашање до вас министре е дали причината што не ја зголемувате минималната плата на 600 евра е поради тоа што нема пари во Буџетот и поради тоа што дефицитот е толку веќе продолабочен?
Моето второ прашање се надврзува на првото, односно повторно е поврзано со животниот стандард на граѓаните.
На сите ни беше јасно дека кризата на Блискиот Исток ќе се прелее и кај нас, очигледно само на вас од власта не ви беше јасно. Додека вие се сетивте да преземете некакви мерки, спиралата на поскапувања веќе започна и тешко се може да се стопира.
Се е поскапено, сите основни прехранбени производи се поскапени, од млечни производи, производи од јајца, зејтин, месни производи, производи, овошје, зеленчук, се е поскапено за 10, 20, 30%. И да почне да се намалува цената на нафтата, тие цени нема да се вратат назад.
Донесовте задоцнети и половични мерки, кои граѓаните не ги чувствуваат. И повторно ги одбивте нашите предлози за намалување на ДДВ-то на горивата на 5%, за сведување на нула проценти на ДДВ за храната, за преполовување на патарините-мерки кои ќе дадеа реални ефекти.
Не ги помогнавте најранливите категории на граѓани. Ги оставивте граѓаните сами да се справуваат со кризата. Додека речиси сите земји преземаа антикризни мерки за заштита на стандардот, вашата влада покажа дека не и е грижа како луѓето преживуваат.
Моето второ прашање до вас министре е дали заради тоа што нема пари во Буџетот не воведувате пакет мерки за помош за ранливите категории на граѓани?“, рече Тренчевска.