Трамп укинува дел од царините за шкотското виски по средбата со Чарлс Трети
Вашингтон – Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека укинува одредени царини за шкотското виски по посетата на британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила на Белата куќа оваа недела.
„Кралот и кралицата ме натераа да направам нешто што никој друг не успеал, и тоа речиси без да побараат!“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Американскиот претседател наведе дека промената е направена по барање на јавноста, особено во однос на дабовите буриња во кои стареат жестоките пијалаци како скоч и бурбон.
Трамп минатата година се закани со царина од 200 проценти за европското вино – сериозен потенцијален удар за француските и италијанските лозари, кој сепак не се реализираше. Другите земји возвратија со закани за воведување царини за бурбон и за други американски производи.
На крајот, администрацијата на Трамп ги олесни тарифите и за плутата – материјалот што се користи за затворање на шишињата – што претставува значително олеснување за Португалија, водечки снабдувач на овој материјал.
Крис Свонгер, претседател и извршен директор на Советот за дестилирани алкохолни пијалаци на САД, ја протолкува објавата на Трамп како укинување на десетпроцентната царина за виски од Обединетото Кралство.
– Го поздравуваме претседателот Трамп за неговата работа во обновувањето на докажаниот модел ’нула за нула‘ на фер и реципрочна трговија меѓу нашите две нации – изјави Свонгер. – Оваа одлука ги зајакнува трансатлантските врски, носи неопходна сигурност за нашата индустрија и им овозможува на производителите од двете страни на Атлантикот да се развиваат, да инвестираат и да ги задржат работните места во клучен момент – додаде тој.