Трамп сака да ја поттикне американската вселенска индустрија со помалку бирократија

Американскиот претседател Доналд Трамп планира да ја зајакне домашната вселенска индустрија со намалување на бирократските процедури, во услови на сè поголема конкуренција од земји како Кина и Индија, јави ДПА.
Со извршна наредба потпишана вчера, администрацијата ги утврди плановите за зајакнување на позицијата на САД во вселената до 2030 година, преку создавање конкурентен пазар за лансирања, значително зголемување на нивната фреквенција и воведување „иновативни вселенски активности“.
За таа цел, владата планира да ги поедностави и забрза процедурите за издавање комерцијални лиценци и одобрувања за оператори базирани во САД.
Во документот се нагласува дека обезбедувањето ефикасни лансирања и повторни влегувања во атмосферата од страна на американските оператори е „критично за економскиот раст, националната безбедност и исполнувањето на федералните цели во вселената“.
Политиките имаат за цел да ја задржат „американската конкурентност и надмоќ во вселената“. Наредбата поставува рокови за федералните агенции, меѓу кои и НАСА, да предложат мерки за намалување на регулаторните пречки и да идентификуваат можни судири со постојните закони, вклучително и еколошките регулативи.
САД имаат цел да вратат човечки екипаж на Месечината до 2027 година, децении по последните американски мисии, и тоа пред други земји со амбициозни програми, како Кина и Индија. Брзата комерцијализација и приватизација во последниве години драматично ја променија вселенската индустрија, засилувајќи ја трката за водечка позиција во овој сектор.