Трамп го избра Гренел да води специјални мисии за Северна Кореја и Венецуела
Новиот претседател на САД, Доналд Трамп, објави дека го избрал долгогодишниот советник за надворешна политика Ричард Гренел за пратеник во специјалните мисии, за Северна Кореја, Венецуела и некои други земји.
Гренел беше амбасадор во Германија за време на првата администрација на Трамп, специјален пратеник за преговорите меѓу Србија и Косово и вршител на должноста директор на Националната разузнавачка служба.
Трамп размислуваше да го назначи за нов државен секретар, но одлучи на таа позиција да го назначи сенаторот од Флорида Марко Рубио.
„Рик (Ричард Гренел) ќе работи на некои од најжешките точки во светот, вклучително и Венецуела и Северна Кореја“, напиша синоќа Трамп во објава на неговата платформа Truth Social.
За време на првото претседателствување на Трамп, Гренел понекогаш користеше контроверзен пристап кон дипломатијата, што ги иритираше сојузниците и влијателните надворешнополитички кругови во Вашингтон, но неговиот стил беше ценет од американскиот претседател, кој верува дека отворениот дијалог со сојузниците е вреден.
„За време на мојот прв мандат, Рик беше американски амбасадор во Германија, вршител на должноста директор на Националната разузнавачка служба и претседателски претставник за преговорите меѓу Косово и Србија“, напиша Трамп на својата мрежа.
Тој додаде дека Гренел ќе продолжи да „се бори за мир преку сила“ и дека секогаш ќе ја става Америка на прво место.
Гренел остана близок со Трамп кога тој ја напушти претседателската функција во 2021 година, повремено работејќи како негов клучен советник за надворешна политика.
Тој беше во собата со Трамп кога се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во септември. Гренел се залагаше за мировен договор кој ќе ја зачува украинската територија, а истовремено ќе дозволи „автономните региони“ да останат под руска контрола.
Тој, исто така, советуваше против проширувањето на НАТО во Украина, велејќи, исто како и Трамп, дека Алијансата не треба да се шири додека сегашните членки не ги исполнат нејзините цели и не се вклопат во буџетот. Членките на НАТО се обврзаа да одвојат два отсто од БДП за одбраната, но неколку земји сè уште трошат помалку од тоа.