Трамп ѝ понудил на Украина безбедносни гаранции за 15 години
По разговорите меѓу Трамп и Зеленски во Мар-а-Лаго изгледите за постигнување мир се поголеми, но остануваат уште неколку тешки нерешени прашања
Има прогрес, но нема пробив за укаринскиот мировен договор по разговорите меѓу претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски во неделата во Мара-а-Лаго во Флорида.
Зеленски утрово преку Вотс ап им изјави на новинарите дека побарал од Доналд Трамп да обезбеди безбедносни гаранции до 50 години. Зеленски рече дека, наместо тоа, нацрт-рамката за мир предвидува безбедносни гаранции на САД за Украина во период од 15 години.
Не е јасно каква форма би имале овие обврски, но украинскиот лидер инсистира на безбедносни гаранции „слични на член 5“ од Европа и САД, осврнувајќи се на основачкиот принцип на НАТО дека нападот врз една членка треба да се смета за напад врз сите.
Зеленски рече дека безбедносните гаранции на САД за Украина според ревидираниот предлог од 20 точки за прекин на војната се 100 отсто договорени, иако Трамп беше попретпазлив, ставајќи ја бројката на повеќе од 95 проценти.
Двајцата лидери рекоа дека е постигнат напредок за време на разговорите во Флорида и нагласија дека долгите мировни разговори ќе продолжат. Трамп, сепак, предупреди дека има „едно или две тешки“ нерешени прашања, вклучително и за територијата, и изрази разбирање за Русија која не сака прекин на огнот. „Мора да ја разберете другата страна“, рече тој.
Трамп рече дека предлогот за претворање на регионот Донбас во источна Украина, кој во голема мера го контролира Русија, во демилитаризирана зона останува „нерешен“, додавајќи дека ќе стане јасно за неколку недели дали војната може да заврши.
Трамп изјави дека договорот за завршување на војната во Украина е „поблиску од кога било“, но призна дека „трнливите“ прашања за иднината на источниот регион Донбас сè уште не се решени, по двочасовниот состанок во неделата.

Тој, исто така, понуди да отпатува во Киев за да се обрати во украинскиот парламент пред евентуалното гласање за мировниот план, велејќи дека смета оти ова веројатно нема да биде потребно. „Секогаш сте добредојдени“, се вмеша Зеленски.
Зеленски постојано му се заблагодаруваше на Трамп и му оддаваше почит на неговиот американски тим, вклучувајќи го и претставникот на претседателот Стив Виткоф и зетот Џаред Кушнер.
И покрај позитивната оптика, имаше малку знаци дека вистински договор е неизбежен. Кога беше прашан за статусот на нуклеарната централа Запорожје – окупирана од почетокот на целосната инвазија на Русија во 2022 година – Трамп даде конфузен одговор и рече дека Путин повеќе не ја бомбардира.
Средбата се одржа само неколку часа откако Трамп имаше долг телефонски разговор со претседателот на Русија.
„Двајцата лидери сакаат тоа да заврши“, рече Трамп, додавајќи: „Мислам дека можеме да продолжиме доста брзо. Инаку ќе трае многу долго“. Трамп го пофали Зеленски, велејќи: „Овој господин работеше многу напорно и е многу храбар, а неговите луѓе се многу храбри“.
Пишувајќи на Truth Social пред состанокот, Трамп го опиша својот разговор од еден час и 15 минути со Путин како „добар и многу продуктивен“. На прашањето дали Путин е сериозен за мир, Трамп одговори: „Мислам дека е“.
Сепак, немаше знаци дека Русија е подготвена да се откаже од своите максималистички барања. Според советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, Трамп „внимателно ја слушал“ во неделата проценката на Русија за конфликтот. Двете страни се согласија дека прекинот на огнот предложен од Украина и Европа само ќе ги продолжи борбите „и е полн со обновени непријателства“, рече Ушаков.
Зеленски, исто така, во понеделник рече дека контролата врз источниот регион Донбас во Украина останува уште едно нерешено прашање.
Москва контролира околу 75% од регионот Донецк и околу 99% од соседниот Луганск (познат како Донбас).
Кремљ во понеделник изјави дека Украина треба да ги повлече своите трупи од делот од Донбас што сè уште го контролира ако сака мир и дека ако Киев не постигне договор, тогаш ќе изгуби повеќе територија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да коментира за идејата за слободна економска зона во Донбас кога беше прашан утрово. Зеленски претходно овој месец изјави дека САД сакаат Украина да ги повлече своите трупи од регионот Донбас, а потоа Вашингтон ќе создаде „слободна економска зона“ во деловите што ги контролира Киев.
Во разговор со новинарите вчера, Зеленски рече дека „мора да го почитуваме нашиот закон и нашиот народ“ и „територијата што ја контролираме“.
„И секако, нашиот став е многу јасен“, додаде тој. „Затоа претседателот Трамп рече дека ова е многу тешко прашање“.
Трамп го поздрави Зеленски на скалите од неговата резиденција со деловно ракување. Немаше прегратка. Американските претставници не го пречекаа Зеленски кога пристигна на меѓународниот аеродром Палм Бич, за разлика од приемот со црвен тепих што Трамп му го приреди на Путин заедно со аплаузите на нивниот самит во август во Алјаска.
Една поранешна украинска дипломатка, Марија Друтска, рече дека Путин се обидува да „саботира работи“ со тоа што му се јавил на Трамп пред да се сретне со Зеленски. За време на нивниот претходен состанок во октомври во Белата куќа, Трамп се откажа од испораката на ракети со долг дострел „Томахавк“ во Украина по сличен повик до Москва.
Зеленски рече дека му се јавил на Стармер во неделата, информирајќи го за ситуацијата на фронтот и последиците од руските напади. Трамп рече дека европските лидери ќе се приклучат на разговорите во недела преку видео-конференциска врска од Мар-а-Лаго. (Според агенциите)