Тоше доби споменик во Хрватска


Во Хрватска во Нова Градишка на шеталиштето „Новоградишки куриозитети” , во близина на местото кадешто загина легендарниот Тоше Проески, откриен е споменик во негова чест .На свеченото откривање на споменикот на скулпторот Славко Буниќ, присуствуваа Милаим Фетаи, амбасадорот на Северна Македонија, градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ и градоначалникот на Крушево, Томе Христовски, пишува хрватски „Вечерњи лист“.

Камената статуа на музичарот е дело на скулпторот Славко Буниќ, а идејата Тоше да добие споменик во Нова Градишка била на Ѓуро Хорват, директор на хрватската компанија „Техникс“, која соработувала со македонски претпријатија.

Тамошниот градоначалник Гргиќ, на официјалната страница објави дека трагедијата оставила непрекинлива поврзаност помеѓу Нова Градишка и Крушево.

„Она што не поврзува со Нова Градишка е трагедијата на пејачот и наш сограѓанин Тоше Проески. Но, заедно сите сме негови фанови и сега и пред неговата смрт. Да се потрудиме да го продолжиме неговото дело, а тоа е добри дела, љубов и толеранција. Тоше вечно ќе живее во нашите спомени. Нека живее нашето пријателство и натаму, нека живее и споменот за Тоше преку овој споменик. Слава му“, изјави Христовски.

На 16 октомври Македонија и Балканот се сеќаваа на Тоше кој пред 14 години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик.

Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.

Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење во Крушево во април, годинава, одбележа 10 години откако е отворена за посетители, за обожаватели и за гости во чест на голема музичка ѕвезда. За десет години ја посетиле преку 700 000 гости. На 25 април 2011 година е отворен овој импозантен музеј, Спомен дом кој една деценија ја раскажува приказната за Тоше, за големиот музичар, за хуманистот, човекот кој и денес ги плени срцата на луѓето од земјава, Балканот и од Европа.