Том Брејди со чанта на Луј Витон – тренд или порака?
САД- Том Брејди има нов моден додаток за кој јавноста (о)зборува.
Бекот на Тампа Беј Баканиерс, чиј тим беше исфрлен од плејофот на НФЛ во понеделникот вечерта, се упати на својот домашен стадион во Флорида пред натпреварот носејќи го моделот на чантата LVxYK Keepall 55 (3.650 долари) од најновата соработка на луксузната модна куќа со уметникот Јајои Кусама.
Во кампањата за линијата, промовирана на почетокот на овој месец, учествуваат голем број топ модели, меѓу кои Бела Хадид и Кристи Тарлингтон. Најзначајно, сепак, ѕвезда на кампањата е Жизел Бундхен, поранешната сопруга на Брејди, која ја враќа славата на модната сцена по разводот на парот.
Во колоритната кампања, Бундхен (42) позира со неколку женски чанти со точки додека е облечена само во фармерки. Соработката – втората помеѓу Луј Витон и Кусама – исто така вклучува и попригушена машка линија, каде што може да се најде и чантата на Брејди.
Поранешниот пар, кој има деца Бенџамин (13) и Вивијан (10), се разведоа во октомври по 13 години брак. Оттогаш, тие се фокусираат на работата и нивните деца.