„Титаник“ избран за најтажен филм на сите времиња
Филмските љубители го избраа најтажниот филм на сите времиња, а победник, со голема разлика, е блокбастерот „Титаник“. Во анкета спроведена на две илјади гледачи, филмот на Џејмс Камерон од 1997 година ги победи класиците како „Бележникот“ и „Дух“.
Титаник го зазема првото место со убедлива разлика
Анкетата, нарачана од телевизискиот канал „Грејт романс“, покажа дека 41 процент од испитаниците плачеле за време на трагичната љубовна приказна на богатата аристократка Роуз ДеВит Букатер и сиромашниот уметник Џек Досон на првото и последно патување на „Титаник“.
Филмот, во кој глумат Кејт Винслет и Леонардо Дикаприо, бил најпопуларен кај жените – речиси половина од анкетираните (47 проценти) признале дека имаат солзи во очите, додека една третина од мажите (34 проценти) го признале истото.
И други класици, исто така, им носат солзи во очите
На второ место се најде романтичната драма „Бележникот“ со Рајан Гослинг и Рејчел МекАдамс во главните улоги, за која една петтина од гледачите (20 проценти) го прогласиле за филм што ги натерал најмногу да плачат. Приказната за децениската љубов на Ноа и Али жените (26 проценти) ја сметаа за потажна отколку мажите (15 проценти).
Повеќе од десет проценти од испитаниците рекоа дека хитот од 1990 година „Дух“ во кој глумат Патрик Свејзи и Деми Мур најмногу ги расплакал. Холивудските класици како „Однесено со виорот“ и „Казабланка“ добија 10 и 9 проценти од гласовите, соодветно, како и модерната романтична комедија „Всушност љубов“.
Остатокот од листата беше „Убава жена“ (8 проценти), „Нотинг Хил“ (6 проценти), „Валкан танц“ (6 проценти) и „П.С. Те сакам“ (6 проценти). Студијата, исто така, потврди дека жените плачат двојно почесто за време на филмовите од мажите.
Недостаток на нови тажни љубовни приказни
Кејт Гартланд, директорка за маркетинг во „Грејт романс“, ги коментираше резултатите за „Дејли меил“. „Штета е што долго време немавме одлични филмови за кои да плачеме“.
„Одличната љубовна приказна е нешто прекрасно што трае цел живот. Не е изненадување што „Титаник“ е на врвот, а не е изненадување ни за нас во „Грејт Романс“ што филмските фанови очигледно го сакаат класичното раскажување приказни. Нема недостаток од тоа на нашиот канал“, рече таа.
Друга анализа има различен победник
Сепак, друга анализа, спроведена во 2024 година, даде сосема различен победник. Аналитичарите од компанијата „Фил Гуд Контактс“ анализираа повеќе од 4.000 коментари на социјалната мрежа Редит.
Врз основа на бројот на гласови „за“, најтажниот филм на сите времиња беше јапонската анимирана воена драма од 1988 година „Гробишта на светулките“.
Филмот ја следи трагичната судбина на две деца во Јапонија за време на Втората светска војна. „„Гробишта на светулките“ е срцепарателна вистина претставена во анимиран формат. Не можам да се сетам на друг филм што ме расплакал уште повеќе“, коментираше еден корисник на Редит. На второ место на листата се најде „Манчестер покрај морето“ од 2016 година, а беа споменати и „По сонцето“ и „Зелената милја“.
Зошто е добро да се плаче за време на филмови?
Лекарите истакнуваат дека плачењето за време на тажни филмови може да биде корисно за здравјето. „Плачењето може да ни помогне да ги процесираме емоциите, а по него можеме да почувствуваме и подобрување на расположението поради ослободувањето на ендорфини и „хормонот на љубовта“ окситоцин“, објасни специјалистот за здравје на очите Тина Пател.
Плачењето ослободува супстанции кои ја ублажуваат физичката и емоционалната болка, а исто така го промовираат самосмирувањето, механизам со кој лицето ги управува своите емоции. Лео Њухаус, социјален работник, додава: „Популарната култура отсекогаш ја знаела вредноста на добриот плач како начин да се чувствувате подобро. Милионите луѓе кои гледале класици што предизвикуваат солзи како „Приказна од Западната страна“ или „Титаник“ веројатно би потврдиле за тоа“.
Плачењето има и социјална функција, сигнализирајќи потреба од поддршка и со тоа помагајќи во градењето силни врски. „Кога сме во удобна ситуација, заедно ги обработуваме настаните, разговараме за тоа што се случува и споделуваме емоции, тоа често може да нè зближи. Може да биде начин за поврзување, создавање атмосфера на човечка блискост“, заклучи психологот д-р Грејс Творек.