Тинејџер одбил да продаде платформа за следење на Ковид-19 за осум милиони долари
Ави Шифман, 17-годишен Американец од државата Вашингтон, ја одбил понудата за осум милиони долари да ја продаде платформата за следење на ширењето на Ковид19, која сам ја осмисли и ја разви.
Станува збор за платформата ncov2019.live. што им овозможува на посетителите да ги проверат сите информации релевантни за коронавирусот и статистички податоци за ширење на заразата во разни земји, пишува специјализирано списание „Бизнис инсајдер“. Платформата има 30 милиони посетители на ден, а досега 700 милиони луѓе ги користеле нејзините податоци.
На тинејџерот му било понудено да го продаде својот производ, но тој одбил со образложение дека „има само 17 години и не сака да профитира“.
Тој, исто така, одби постојана работа што му била понудена во компанијата „Мајкрософт“.
На оние кои го убедувале да го продаде својот производ, и тврделе дека во иднина ќе жали што не ја прифатил понудата за продажба, тој им одговори дека сака да ја задржи автономијата во водење на платформата и сака податоците да бидат достапни бесплатно за секој што доброволно ќе се зачлени, а не да стане комерцијален производ.
– Се надевам дека во иднина„ алатките“ како оваа ќе бидат создадени директно од Светската здравствена организација, рече Ави Шифман.