Тимотеј: Да беше до лажичето, свештенството ќе изумреше


Митрополитот Тимотеј не се согласува дека причестувањето е главниот проблем околу епидемијата со корона вирусот, бидејќи да беше така, смета тој, свештенството одамна ќе изумреше.

-Не е причеста зараза, не е лажичето, туку човекот…Ние имаме некогаш по илјада верници што се причествуваат, а кој знае какви болести има некој од нив. Да зависеше од тоа свештенството требаше да изумре, а фала богу најдобар век на живеење имаме, изјави Тимотеј околу жестоката расправа што се отвори на социјалните мрежи дали да се  забрани овој чин и воопшто дали да останат отворени црквите на Велигден, бидејќи дел од обичаите е да се користи исто лажиче.

Според Тимотеј причесна има дури вечер, а тогаш има полициски час и ќе нема верници, така што нема основа за толкава паника.Тој рече дека размислувале за тоа дали да користат ракија за дезинфекција на лажицата, како во Русија, но немале време тоа да го организираат, а неприфатливо било верниците да си носат лажици  од дома.

Тој нагласи дека во црквите ќе се почитуваат мерките донесени од Владата порачувајќи дека ако се плашат од причесна или голема група луѓе, верниците да не доаѓаат.

-Еве и јас кај што има масовно луѓе не одам, и јас сум во ризичната група, порача Тимотеј.

Посета на црквите покажа дека таму се почитува растојание, дека има доста луѓе, но главно палат свеќи надвор и не влегуваат во црквата. Речиси сите се со маски, а пред иконите има сретства за дезинфекција. Дури впечатокот е ист како пред самопослуга, или пијарница, а подобар од банките и продавниците за леб, со една разлика – пред црквите имаше полиција.

Реално со толку редови за купување храна, тешко се наоѓа време да се оди и во црква, каде што исто така се чека ред за да се пријде до местото каде што се пали свеќа.

Отец Митевски во разговорот за ТВ 21 исто така им упати потсетување на верниците дека за време на полицискиот час храмовите ќе бидат затворени, но ќе служат литургија и сето тоа ќе се пренесува на ТВ.Тој ги повика да останат во своите домови и да не прават непотребни егзибиции, бидејќи и во домот можат да се молат и да ги поминат празниците.

И тој од друга страна отфрли секаква можност црквата да престане со причестување на верниците со една лажичка.

-Од почит кон Вас и кон јавноста ќе го дадам својот коментар, иако го заслужуваат целосното игнорирање. Оваа тема што ја отвори јавноста не се отвора врз основа на факти и нешто што е докажано, туку се отвора врз основа на еден милитантен атеизам, со кој се соочуваме низ годините. Но ние им благодариме, бидејќи ја зголемуваат нашата ревност. Знаете, ако сапунот го уништува вирусот, ако алкохолот го уништува вирусот, тогаш колку телото и крвта христови не би го уништиле вирусот. Ако јас верувам во дејството на сапунот и сите оние средства што се користат за дезинфркција, како јас да не верувам во христовата благодет, во христовото дејство, односно во светоста на христовата причест- вели отецот.

Тој вели дека не може некој да ја стави на испит верата бидејќи никој не се заразил од причеста во изминатите 2.000 години. Тој вели дека секој недела причестува и она што ќе остане самиот го употребува, и како што вели, фала му на Бога, е жив и здрав.

Тој исклучува секаква можност црквата да престане со причестување. За отецот со прифаќање на мерките на државата, дистанцирање, затворање на храмовите за Велигден, целивањето на иконите и до тука може црквата, вели тој. Ако се чепне во причеста тоа ќе биде посегнување во верата.

„Урнавме здравствен систем со лажиче“, „Да им пуштиме снимка со интубирање на болните, може ќе сфатат што зборуваме“, „Кое право е неприкосновено, на живот или на исповед“ и обратно “кој ви даде право да го средувате и да им кажувате како да го живеат животот верниците“, беа некои од реакциите во јавноста деновиве околу Велигден. Имаше и реакции дека со закон може да се ограничи слободата на изразување на религијата или убедувањето доколку тоа е во интерес на јавната сигурност, дека  Јужна Кореја, токму поради групирања на верниците ги добила најбрзо растечките кластери на заболени, па и тоа дека вербата кон Господ  се искажува со грижа и љубов кон ближниот, но не ја придизвикувајте короната бидејќи е поопасна од божјата рака. Нормално не изостана и политиката, па пред црквата во Аеродром можеше да се чуе и тоа дека „во времето на ВМРО-ДПМНЕ немало вакви вируси“. (С.Ј.)