Тимоние: Не можам да предвидам датум, се чека извештајот на ЕК за да направиме проценка


Не можам да зборувам за датум за преговори. Ќе го чекаме извештајот на Европската комисија кон крајот на мај за да направиме проценка дали е спроведено се што требаше во Република Северна Македонија, особено од областа на судството и на правната држава, изјави во Прилеп амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние. Тој пред студентите од Економскиот факултет одржа предавање на тема: „Европската Унија во пресрет на изборите, предизвици и надежи – француско гледиште“. Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат од 23 до 26 мај.

-Да се предвиди датум, ќе кажам не, не сум астролог, но сепак, ќе кажам, еден од условите да се завршат почнатите работи, односно да се заврши агендата 3-6-9, потоа агендата 18, кои претставуваат извонредни работни инструменти. Ќе го чекаме извештајот на Европската комисија за кон крајот на месец мај да направиме проценка дали се спроведени сите оние работи кои требаше да се спроведат, особено од областа на судството и на правната држава, рече Тимоние.

Според Тимоние, ова е суштински период и се влегува во турболентни моменти во светската историја, зашто изборите ќе влијаат на многу аспекти.

-Се разбира дека изборите ќе имаат влијание, и тоа во повеќе аспекти, затоа што, генерално, Европската Унија, вклучително и Франција, се повеќе се интересираат за земјите од Западен Балкан. Впрочем, Франција беше таа која на самитот во Берлин ја објави новата стратегија за земјите од Западен Балкан и нивното приближување кон ЕУ. Се разбира дека сите земји работат на тоа поле, меѓутоа ќе треба поефикасно да ги здружиме напорите за да може сите земји од Западен Балкан, вкучувајќи ја секако и Република Северна Македонија што повеќе да се приближат до ЕУ, објаснува Тимоние.

За професор д-р Оливера Костоска од прилепскиот Економски факултет, изборите во Унијата ќе го одредат односот по многу прашања, особено за миграцијата, безбедноста, бизнисот, работните места, за климатските промени. Ваквото предавање е многу битно за студентите кои се иднината на државата и треба да развијат критички однос кон многу прашања.

 -Сметаме дека ова предавање е исклучително важно за нашите студенти, со оглед на тоа дека тие се креаторите на нивната европска иднина, и воопшто на европската иднина на Република Северна Македонија и поради развивањето на нивното критичко размислување во оваа насока, а и потесно да се запознаат со политиките и институциите на Европската унија. Фокусот е ставен на европските избори кои ќе бидат од 23 до 26 мај и европските државјани ќе имаат можност да селектираат кој ќе ги претставува во Европскиот парламент. Тоа е исклучително важно зашто оваа одлука ќе го трасира патот на идното дејствување на Унијата во многу области, од аспект на миграција, безбедност, бизнис, работни места, климатските промени. Вториот сегмент битен од ова предавање е пристапот на нашата држава кон ЕУ која се наоѓа на тековната агенда на идното проширување на Унијата со оглед на нејзиниот кандидатски статус од 2005 година, а од јуни лани, се очекува датумот до крајот на годинава, рече Костоска.