„Тиквеш“ со атмосфера како на концерт: Нина Бадриќ ги погоди гостинките во срце
Хрватската поп-ѕвезда Нина Бадриќ, со своите балади, рефрени и досетки ги погоди во срце убавите и дотерани гостинки викендов на Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“ каде три дена, на ветар и на сонце, се славеше првото отворање на бочвите со вино од годинешната берба.

На нејзините хитови „Такви као ти“, преку „Чаробно јутро“ до актуелната „Дани и године“или „Нек ти буде као мени“, „Да се опет теби вратим“… гостите уживаа како на концерт, пееја заедно со неа, си наздравуваа со чаша вино за посреќна иднина, се фотографираа, правеа селфи, додека претставниците на машкиот пол гледаа, молчеа и се чудеа.

Уште во петокот настапот на босанската ѕвезда на севдахот Амира Медуњанин ветуваше добро расположение на овој прв и единствен од ваков вид во земјава фестивал кој има значајна улога во градењето и развојот на винската култура во земјата, и на кој по традиција се среќавате со драги луѓе или одамна заборавени и одамна невидени. Во саботата, одлично музичко загревање ни приушти Мијата со одбраниот домашен и странски репертоар. Настапот на Бадриќ беше како мелем на душа пред фуриозниот настап на рок-пејачката Дани која исто така имаше совршен репертоар. За водителската умешност на Сашко Коцев, да не зборуваме. Човекот е талентиран, и тоа е тоа.

Која е тајната на веќе 12. Тиквеш фестивал на младо вино на кој сакаат да дојдат сите- од претставници на дипломатскиот кор, бизнис-заедницата, новинарите и јавните личности?
Пред се, организаторите ги почитуваат своите гости, храната и виното се врвни, (а и кафето), дружбата е непроценлива, секоја година е различна музичката програма, – со домашни и регионални ѕвезди, има подароци за сите кои донираат, а е запазена и хуманитарната нота. Гостите се облекуваат како што се чувствуваат и како се расположени. Некои ептен дотерани, особено жените, во тенки хулахопки и високи потпетици, дури и кога е ладно, некои ептен лежерно. Некои гостинки се ептен нашминкани и со фризури како на свадба, а некои без шминка и со коси како за по дома. На некои гости им е важен изгледот, за некои, удобноста. Сите доаѓаат со убави очекувања, и среќни заминуваат дома. Некој со вино, некој со спомени. До следната година!

А првите впечатоци од младите вина од годишната берба? Белите вина располагаат со одлична ароматика и свежина, розе вината изобилуваат со нежни овошни ноти и свеж вкус, а црвените се истакнуваат по својата комплексност и структура. Особено висок потенцијал за освојување нови награди и признанија на реномирани светски вински натпревари имаат вината добиени од црвените сорти: вранец, каберне совињон, сира, мерло и гренаш, а кај белите сорти се истакнуваат белите вина од сортите темјаника и траминец.
Л. Сабит