„Тие беа бесни“: руски војници одбиваат да се борат во Украина

Војниците им велат „не“ на офицерите, знаејќи дека казната е мала ако Русија технички не е во војна


 

Кога на војниците на елитната руска армиска бригада на почетокот на април им беше кажано да се подготват за второ распоредување во Украина, меѓу редовите избувна страв.

Единицата, стационирана на далечниот исток на Русија за време на мирнодопски услови, првпат влезе во Украина од Белорусија кога започна војната на крајот на февруари и имаше жестока битка со украинските сили.

„Наскоро стана јасно дека не се согласуваат сите со тоа. Многумина од нас едноставно не сакаа да се вратат“, рече Дмитриј, член на единицата кој побара да не биде идентификуван со неговото вистинско име. „Сакам да се вратам кај моето семејство – а не во ковчег“.

Заедно со осум други, Дмитриј им рекол на своите команданти дека одбива повторно да се приклучи на инвазијата. „Тие беа бесни. Но, на крајот се смирија бидејќи не можеа многу да направат “, рече тој.

Набрзо бил префрлен во Белгород, руски град блиску до границата со Украина, каде што е стациониран оттогаш. „Јас служев војска пет години. Мојот договор завршува во јуни. Ќе го отслужам преостанатото време и потоа ќе си одам одовде“, рече тој. „Немам од што да се срамам. Официјално не сме во воена состојба, па не можеа да ме принудат да одам“.

Одбивањето на Дмитриј да се бори нагласува некои од воените потешкотии со кои се соочи руската армија како резултат на политичката одлука на Кремљ формално да не објави војна на Украина – наместо тоа претпочита да ја опише инвазијата, која наскоро ќе го достигне четвртиот месец, како „специјална воена операција“.

Според руските воени правила, војниците кои одбиваат да се борат во Украина може да се соочат со отпуштање, но не можат да бидат кривично гонети, вели Михаил Бенјаш, адвокат кој ги советуваше војниците кои ја избираат таа опција.

Бенјаш рече дека „стотици и стотици“ војници биле во контакт со неговиот тим за совет како би можеле да избегнат да бидат испратени да се борат. Меѓу нив имаше и 12 членови на Националната гарда од јужниот руски град Краснодар, кои беа отпуштени откако одбија да заминат во Украина.

„Командантите се обидуваат да им се заканат на своите војници со затворска казна доколку не се согласат, но ние им кажуваме на војниците дека едноставно можат да кажат не“, рече Бенјаш, додавајќи дека не знаел за какви било кривични случаи против војници кои одбиле да се борат. „Нема правна основа да се покрене кривично дело доколку војник одбие да се бори додека е на руска територија. Затоа, многу војници избраа да бидат отпуштени или префрлени наместо да одат во ‘мелница за месо’“, рече тој.

Слична изјава како таа на Дмитриј ѝ даде на руската служба на Би-Би-Си Сергеј Боков, 23-годишен војник кој на крајот на април реши да ја напушти армијата по борбите во Украина. „Нашите команданти не се ни расправаа со нас бидејќи не бевме првите што заминаа“, рече Боков.

Посочувајќи на руските воени закони, Бенјаш рече дека ќе биде потешко војниците да одбијат да се борат ако Русија објави војна од целосен обем. „За време на војна, правилата се сосема различни. Одбивањето тогаш би значело многу построги казни. Тие би размислувале за годините во затвор“.

Иако точниот број на војници кои одбиваат да се борат останува нејасен, таквите приказни го илустрираат она што воените експерти и западните влади велат дека е една од најголемите пречки на Русија во Украина: сериозен недостиг на пешадиски војници.

Москва првично стави околу 80% од своите главни копнени борбени сили – 150.000 луѓе – во војната во февруари, според западните официјални лица. Но, значителна штета ѝ е нанесена на таа армија, која се соочи со логистички проблеми, слаб морал и потценет украински отпор.

„Путин треба да донесе одлука за мобилизација во наредните недели“, рече Роб Ли, воен аналитичар. „На Русија ѝ недостасуваат доволно копнени единици со договорни војници за одржлива ротација. Војниците се исцрпуваат – нема да можат да го издражт ова долго време“.

Руските власти тивко ги зајакнаа своите напори за регрутирање нови војници бидејќи стана јасно дека брзата победа во Украина е недостижна.

Истражувањето на руската редакција на Би-Би-Си покажа дека руското Министерство за одбрана ги пополнило веб-страниците за вработување со слободни работни места, нудејќи им на луѓето без борбено искуство можности да се приклучат на армијата со профитабилни краткорочни договори. Некои големи владини компании добија писма во кои се повикуваат да го пријават својот персонал во армијата.

Русија, исто така, се сврте кон платеници за да ги зајакне своите воени напори, распоредувајќи борци од мрачната група „Вагнер“, поврзана со Кремљ.

Но, аналитичарите велат дека доброволните регрути и платеничките групи веројатно нема да доведат до значително зголемување на бројот на нови војници, во споредба со бројките што би ги донела делумна или целосна мобилизација.

Андреј Колесников, виш соработник во Фондот Карнеги, рече дека властите можеби се загрижени дека општа мобилизација ќе антагонизира големи делови од населението кои ја поддржуваат „специјалната операција“.

Русите „можеби се за конфликтот, но тие всушност не сакаат да се борат“, рече тој, додавајќи дека општа мобилизација ќе повлече „колосални загуби на необучени војници“. (Гардијан)