Тетоважите можат да имаат долгорочно влијание врз имунитетот

Тие можат да влијаат на функционирањето на имунолошкиот систем, да предизвикаат воспалителни процеси или да ја променат ефикасноста на вакцините


Фото: Б. Грданоски

Тетовирањето може да остави траен белег не само на кожата, туку и на имунолошкиот систем, според меѓународна студија во која учествувале истражувачи од Биолошкиот центар на Чешката академија на науките, чии резултати покажуваат дека најчесто користените пигменти за тетовирање можат да влијаат на функционирањето на имунолошкиот систем, да предизвикаат воспалителни процеси, па дури и да ја променат ефикасноста на одредени вакцини.

По тетоважата, честичките од боја не само што остануваат во кожата, туку брзо се шират низ лимфниот систем и се таложат во лимфните јазли, клучни места за функционирање на имунолошкиот одговор, каде што можат да останат со години, објави Чешкото радио.

Иако претходно постоеја сомнежи за хемиската безбедност на мастилата за тетовирање, нивните долгорочни ефекти врз имунитетот беа слабо истражени, а оваа студија, објавена во престижното американско научно списание PNAS, имаше за цел да ја пополни таа празнина.

Еден од авторите на студијата, чешкиот научник Мартин Палус, објасни дека се анализирани црните, црвените и зелените мастила што се одобрени за употреба на европскиот пазар.

„Во рок од неколку часа, бојата стигнува до лимфните јазли, каде што доаѓа во контакт со имунолошките клетки – макрофаги. За жал, овие клетки не можат да го обработуваат мастилото на ист начин како вирусите или бактериите“, рече Палус.

Според него, ова доведува до оштетување и смрт на имунолошките клетки, особено кај црните и црвените пигменти.

Тетовирањето, вели тој, предизвикува двостепена воспалителна реакција – акутна фаза што трае околу два дена и хронична фаза во која имунолошките клетки не се во можност да го разградат мастилото, што може да има долгорочни последици за одбранбениот систем на телото.

Истражувачите предупредуваат дека хроничното воспаление предизвикано од тетоважи може да биде поврзано со развој на други здравствени проблеми, вклучувајќи рак, автоимуни болести или текот на разни инфекции.

Во студијата, имунолошките клетки изолирани од примероци од човечка крв биле изложени на пигменти за тетоважи во лабораторија, а потоа на вакцини за да се испита дали тетоважите влијаат на имунолошкиот одговор.

„Прашањето стана особено итно за време на пандемијата на Ковид-19 – дали вакцината администрирана на тетовирана рака е подеднакво ефикасна. Тетовираните глувци покажаа помало производство на антитела по вакцинацијата, а сличен послаб одговор беше потврден и кај човечките имунолошки клетки изложени на пигменти“, рече Палуш.

Авторите нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања, но дека оваа студија, во која учествуваа 12 меѓународни истражувачки тимови, укажува на потребата од подетално испитување на безбедноста на мастилата за тетовирање и нивните долгорочни ефекти врз телото, со оглед на тоа што тие се значително помалку регулирани во споредба со лековите и другите медицински производи.